Избегната катастрофа во нуклеарната електрана во Запорожје

Сподели

 

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Мариано Гроси побара ургентен пристап на експертска мисија од МААЕ во нуклеарната електрана во Запорожје, која што се наоѓа под окупација на руските сили. Овој стратешки објект во текот на вчерашниот ден на два пати остана без електрична енергија за да можат да работат нуклеарните реактори, пишува Гардијан.

„Не можеме да си дозволиме да губиме повеќе време. Јас сум одлучен лично да ја предводам мисијата на МААЕ во електраната наредните денови“, изјави Гроси за Гардијан.

Во моментов течат преговорите меѓу МААЕ со Украина и Русија за итна посета на нуклеарната електрана во Запорожје, која што треба да се случи до крајот на месецов.

Украинската национална компанија „Енергоатом“ и утрово излезе со информација дека сите шест нуклеарни реактори во Запорожје се исклучени од украинската електроенергетска мрежа, што е резултат на гранатирањето кое предизвикало пожар и ја прекинало последната далноводска врска меѓу нуклеарната електрана во Запорожје и украинската електроенергетска мрежа, прекин што се случува за прв пат во изминативе четири децении, пренесува Гардијан.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирањата на нуклеарната електрана во Запорожје. Украинските власти тврдат дека Русија сака да ја исклучи нуклеарната електрана од украинската мрежа, бидејќи обезбедува над 20 отсто од потребите за енергија на Украина. Ваквиот потег сериозно би ја преоптоварил украинската економија, особено пред почетокот на претстојната зима. Руските власти пак тврдат дека нивни сили ја држат под контрола електраната и е безмислено самите себеси да се нишанат.

Инаку, исклучувањето на нуклеарната електрана од снабдување со електрична енергија се смета за исклучително опасен чин по нуклеарната безбедност. Било каков дефект може да доведе до губење на течноста за ладење и да доведе до топење на горивото во јадрото на реакторот, пишува Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Нуклеарната електрана засега има можност за снабдување преку линија со помал напон од блиската термоцентрала во Запорожје, која може да обезбеди резервна електрична енергија за да работат реакторите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до јавноста изјави дека тие ќе сторат сѐ за да не се случи хаварија во нуклеарната електрана во Запорожје, но и дека тоа не зависи единствено од украинската држава. Тој дополни дека руските окупатори мора да се повлечат од територијата на оваа нуклеарна електрана.

Зеленски рече дека по вчерашното исклучување на нуклеарната електрана од снабдувањето со струја, дизел генераторите биле активирани за да се обезбеди електрична енергија за самата нуклеарна електрана.

„Светот мора да разбере каква закана е ова: доколку дизел генераторите не беа вклучени, доколку автоматизацијата и нашиот персонал во електраната не реагираше по прекинот, тогаш ние веќе ќе бевме приморани да се справуваме со последиците од радијациска хаварија“, изјави Зеленски, пренесува Гардијан./Мета.мк