Одлучил ѓаволот да ги продаде сите негови алатки на лошотии од својот богат арсенал. Колекцијата била импресивна – сјајни бодежки, страшни пили, рѓосани ножеви, отровни средства наводно за лекување. Имало тука изложено и други алатки – на стравот, на омразата, на кражбата, на преварата и што не! Пред секоја алатка стоела продажната цена која била многу висока. Ѓаволот продавал и стрели од чисто злато, ама за чудо со многу ефтина цена. Кога со зачуденост го прашале зошто тоа златните стрели ги продава толку ефтино, а рѓосаните алатки толку скапо, ѓаволот одговорил – па штом ваквите стрели на луѓето им ги забиваам во срцата, потоа е лесно им ги продаваам сите други алатки што ги имам!
Изгледа водачите на постојната власт имаат купено премногу такви златни стрели, за потоа скапо да им ги продаваат на луѓето сите други ѓавоски прибори на злото. Па затоа и толку омраза, лаги, превари и кражби доживеавме. И сега пак настојуваат да ни продаваат такви алатки, но продажбата им оди слабо. Луѓето веќе сфаќаат дека тие впрочем се самоубивствени алатки. Тие сега знаат дека ваквата власт е елементарна несреќа и дека 11 години живиме со поплави и земјотреси. Виделе дека скапо плаќале отровни лекови и рѓосани алатки. Виделе дека таквите продавачи освен својот физикум, немаат ниеден друг доказ дека се луѓе. Таквите (не)луѓе со години создадоа ненормалност во количина да праведните луѓе ги третираме како грешници, а грешните како праведни. Се со цел нивните потомци да уживаат илјадници години, а на сите други да страдаат цел живот! Сега треба да платиме со декади за да нивните деца уживаат само еден саат.
Јазикот на другиот – „големо зло“!
Сашо Орданоски вели – “темите за патриотизмот, национализмот и омразата кон Албанците кај нас се веќе одамна тривијализирани низ прагмата на бандитскиот криминал и корупција за останување на власт“. Неодамна, лидерот на опозицијата Зоран Заев даде изјава за употребата на Албанскиот јазик во јавниот живот, образложувајќи го тоа од практични причини. Од ДПМНЕ ги исфрлика сите отровни стрели по него, а ја погодија државата во срцето. Секако дека на криминалната власт тоа и е последен ѓаволски алат како надеж. Но, надежта е добар слуга ама лош водич. Лажен патриотизам покриен со лажна историја. Абрахам Линколн ќе рече – „знам кој бил мојот дедо, ама повеќе се грижам што ќе биде со мојот внук“. Лажните вмровци никако да разбераат дека со такво водство и самите се доведени пред амбис. Ниту еден од нивниот партиски круг барем во нијанси да каже нешто различно од нивниот шеф. Такви дворски будали не верувам дека воопшто имал некој цар. За жал, тие веќе наликуваат на интими органи на нивниот шеф. Наместо да палат некоја свеќа за да тргнат кон излезот и светлината, тие продолжуваат кон тотален мрак.
Заев ништо не кажал посебно освен имплементирањето на тоа што е дел од уставот, а кое вешто не било имплементирано како договор меѓу ВМРИ и ДУИ, со цел долготрајно да ги хранаат нивните гласачи со лаги, за што подолго двете структури да останаат на власт. Дека двојазичноста ти била многу опасна по државата, кажа еден орган на Груевски, а од ДУИ молк! Секој знае дека мултилингвализмот функционира во 80 отсто на држави во светот. И тоа е богатство на секоја држава. Градина со еднобојни цвеќиња не е поубава од повеќебојните. Што ли му фали на Косово што српскиот јазик е службен на целата нејзина тероторија!? Напротив, тоа дополнително ја легитимира како демократска држава. Геровски со право вели – „Тоа треба да биде наша цивилизациска придобивка и нема основа за стравот дека тоа ќе доведе до „албанизација“ на средините во кои сега доминираат етнички Македонци. Обратно, тоа ќе придонесе Албанците Македонија да ја чувствуваат како своја држава и политичка нација“. Факт е дека што повеќе етнички теми станаат амортизирани тоа посилна и посигурна е државата. Граѓаните од другиот етникум повеќе ќе ја чуствуваат и како нивна држава, елемент што од витално значење за општата безбедност на секоја држава. Но, кажано фигуративно, јазикот е поопасен и од самата сабја, оти сабјата може да исече еден човек, а јазикот може да направи масовен колеж. А токму тоа е главната храна за мега-криминалци маскирани во нацио-патриоти.
Не верувам дека луѓето и овај пат ќе купуваат самоубивствени националистичи орудија што се нудат од владиниот подземен пазар. Освен омразата, поделбите, сиромаштија, и сопственото астрономско збогатување – тие немаат веќе ништо да понудат. Да беа груевистите националисти, зошто избркале над 400 илјади млади перспективни Македончиња од земјата!? Истото важи и за ДУИ-стите кои избркале над 180 илјади млади Албанчиња! А патриоти!!! Заедно со гласачите на Амди Бајрам од државата избегале околу 700 илјади луѓе. Мојсиевски екзодус од митски размери!!! Да се поверува во патриотизмот на вакви водачи е исто како да верувате дека волкот е најголем пријател на овците.
Коалиционирањата
Прво, ако се оди на заеднички фронт, мислам дека треба добро да се проучи, колку се добива и колку се губи. И колку таков блок би бил функционален. Ако математиката покажува дека со таков блок добивката е поголема отколку загубата, тогаш треба да се пристапи кон тоа.
Втора варијанта, е СДСМ да отиде со вистинските опозициони партии на Албанците, што може да биде многу профитабилно. Голем е бројот Албанци што би сакале да гласаат за СДСМ, без албанска партија, лесно може да се парализираат (со фрлење етикета). Факт е дека Заев е прв македонаки лидер кој вистински се поддржува и од Албанците и ваква кохезија е важен општ интерес. Тука средниот (или десен) блок би отишол самостојно и сигурно ќе може да повлече голем број потенцијални вровски гласачи. Тоа уште повеќе кога сега веќе сите знаат дека Никола Груевски нема баш ништо заедничко со ВМРО освен парите. Со ваква комбинација победата над режимот ќе биде грандиозна.
Третата варијанта е СДСМ да отиде со средниот блок без партии на Албанци. Тоа може да се случи ако албанските лидери немаат доволно храброст да ги игнорираат националистичките сопки поставени од одделни партии. Често неискусните политичари потпаѓаат под влијанието на мал број галамџии и урлаџии, кои лажно создаваат мнение дека така мисли мнозинството. А воопто не е така. Овие избори треба да се продаваат како избори за спас (и биолошки), и дека дури наредните избори ќе бидат избори за избор.
На декемвриските избори треба да одлучиме – сакаме ли да ги повартиме украдените наши милијарди или ќе дозволиме да не грабаат и понатаму се додека не не соголат до гола кожа!? Сакаме да бидеме слободни и нормални или ќе дозволиме и понатаму да не газат и третираат како добиток!? Сакаме ли на младите и идните генерации да им обезбедиме достоен живот или ќе ги дадеме како робови во дворовите на фамилијата!? Сакаме ли модерни болници или постојни мртвачници!? Ќе дозволиме ли и ние како некои курирци чија цена е толку ниска колку што е нивниот морал, па за 300 евра се продаваат и себеси!? И да престанеме веќе да се плашиме од нив, оти тие сега се плашат од нас. Ние мора да разбереме дека имаме потреба да живееме, а не да постоиме.
Но, и од постајната власт можеме нешто многу важно да научиме. А тоа е како не треба да се работи. Мора да сфатиме дека скапоцено облечената лага не може да биде поубава од голата вистина.