Изборите ја продлабочуваат кризата во Македонија, анализира радиото „Атина 98.4“

Сподели

Изборите ja продлабочуваат политичката нестабилност во Македонија, коментира грчкото радио „Атина 98.4“ во анализа на резултатите од предвремените парламентарни избори во земјава што се одржаа на 11 декември.

Проблемите, според анализата, ја преминуваат границата на само внатрешно-политичките и може да се одразат и на етничките и на општествените односи во земјата. Коментирајќи ги етничките односи, анализата забележува дека е импресивен резултатот од изборите на новото албанско движење Беса.

Она што Грција очекува да го види е како следната влада ќе се постави кон грчко-македонските односи. Според анализата на „Атина 98.4“, интересно е дека и двете големи партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по однос на прашањето за името имаат слични позиции и ветуваат дека нема да направат отстапка од теми како македонскиот идентет и јазик, како и дека секое договорено решение ќе оди на референдум.

„Ова е негативен развој, бидејќи го поткопува преговарачкиот процес во рамки на Обединетите нации. Иредентизмот на националистичкиот лидер на Албанија, Еди Рама се вкрстува со иредентимот на политичките партии во Скопје и во комбинација соработката меѓу Тирана, Скопје и Анкара создава еден силен бран на ревизионизам и на нашата северна граница“,се вели во анализата.

Спорот за името, според текстот, се состои од поттикнување иредентистички и територијални претензии од македонска страна кон Грција преку фалсификување на националното, историското и културното наследство на Грција.

„Грција останува стабилна на политиката за компромис и се стреми за изнаоѓање одржлив договор за спорот за името. Грчката влада има јасна позиција за ова, а тоа е сложено име со географска одредница пред зборот Македонија, кое ќе важи кон сите ерга омнес за севкупна употреба, внатрешна и меѓународна“, се вели во текстот од анализата.

meta.mk