Владата на вчерашната седница одлучи да го стави во мирување изборот на нов ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје по реакциите што беа упатени од дел од кандидатите за избор на оваа функција и од Независниот академски синдикат (НАКС). Владата го допрецизираше членот 5 од Уредбата за законот за високо образование, со кој се предвидува на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, мандатот и постапките за избор да ги продолжат, односно започнат, во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба.
„Со ова дополнување се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон. Со ова дополнување се гарантираат транспарентноста и инклузивноста при процесите на универзитетите во рамките на воспоставената правна рамка“, се вели во владиното соопштение.
Од Независниот академски синдикат (НАКС) велат дека станува збор за навремена и здраворазумска одлука на владата, со која се заштитуваат демократските принципи на универзитетите, но и здравјето на академската заедница.
„Во овој момент очекуваме ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски да ги сопре постапките за избор на ректор и Сенат на УКИМ, се до завршување на вонредната состојба“, се вели во соопштението на овој синдикат.
Прекинување на постапката за избор на нов ректор на УКИМ побараа и тројца противкандидати што планираат да учествуваат во изборот на ректор – професорите Вујица Живковиќ, Петар Атанасов и Драги Димитриевски.
– Кога ќе се создадат побезбедни услови, во една нова законска и статутарна постапка, со нов Сенат и претседател на Сенат да започне нова постапка. Време имаме до 15 септември – вели професорот Вујица Живковиќ во испратената писмена изјава.
Во изборот на нов ректор на најстариот и најголем универзитет во земјава планира да учествува и актуелниот ректор на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.