„Од 2006 година до денеска власта на Груевски во континуитет ги крати средствата за одбраната, со што го намалува одбранбениот капацитет на земјава. Условите за работа на припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) ги доведе на дното, под секое човечко достоинство. Каде се помпезно најавените инвестиции во модернизација на одбраната од 300 милиони евра? Ги нема. Го нема ниту ветеното зголемување на платите од 5 отсто за војниците. Професионалниот војник во Македонија денеска има основна плата од само 16.345 денари, далеку под државниот просек од 22.000 денари. Војниците заборавија кога последен пат зеле пари за патни и за дневни трошоци. Веќе единаесетта година се чекаат ветените станови за припадниците на АРМ. Преродбеничкиот проект „АРМ мојот вистински дом“ пропадна, а војниците останаа без станови. Во континуитет се случуваат масовни кадровски чистки во одбраната и во армијата, најчесто политички мотивирани.”