Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, го заврши проектот кој што ги обедини талентираните македонски деца на Балканот, со безвременска збирка од литературни и ликовни творби. Имено, по објавувањето на меѓународниот конкурс за поетски и ликовни творби на тема: „Детските раце творат за Македонија“, здружението реши сите пристигнати детски творби да ги преточи во заедничка збирка полна со патриотизам, почит и љубов кон Македонија. Збирката содржи 44 песни, од кои 7 од Албанија и една од Егејска Македонија – Грција, 11 прозни текстови и 46 ликовни творби од кои 6 од Пиринска Македонија – Бугарија и 1 од Албанија. Авторите на ликовните и литературните творби кои што се дел од збирката се македонски деца на возраст од 10 до 15 години.
Ликовните и литературните творби во збирката „Детските раце творат за Македонија„ изобилуваат со моќни пораки за својата татковина, точно онака како што ја чувствуваат детските срца.
Пораката која што Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип ја упатува до децата на Македонија кои со своите дела оставија траг во оваа збирка е: „Бидете горди на своите дела, веќе сте дел од македонската литературна и ликовна историја!“. Со оваа збирка се остави трага со дела испишани на македонски јазик и историја за идните поколенија, со доказ за тоа колку татковината е моќна инспирација за своите поколенија. Збирката е искрено наследство кое што ќе се пренесува на идните генерации, а гордост за генерацијата која што ја создаде.
Секој учесник кој што е дел од збирката ќе добие примерок и пофалница од Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип. Здружението упатува искрена благодарност до сите деца, ментори, родители и училишта кои што беа дел од овој проект и што овозможија да се реализира оваа непроценлива збирка која што е од огромно значење за сите Македонци.