Изложба “Архетипови” на Билјана Билбилоска

Сподели

 

Денеска, во 19 часот, во новиот салон на галеријата „Ко-Ра“, во домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе се отвори петтата самостојна изложба на Билјана Билбилоска, насловена како Архетипови“. На изложбата ќе бидат претставени 20 дигитални графики. На изложбата ќе се влегува поединечно или максимум по двајца посетители, согласно мерките за заштита од Ковид.

Архетипот претставува еден вид симболичен образец, схема или пак облик, кој несвесно се повторува низ историјата независно од простор-временскиот континуитет. Во овој циклус јас се фокусирам на визуелниот архетип, на кругот, квадратот и на триаголникот, односно на оние универзални форми и визуелни константи, на кои не им е видлива конечноста во уметничка смисла.

Симболиката на кругот, квадратот и на триаголникот отсекогаш била предмет на интерес во сферата на уметноста, психологијата, теологијата и философијата. Посматрајќи ги изолирано, или пак, во сите нивни меѓусебни комбинации, овие форми носат во себе широк хоризонт на симболика и многузначност.

 

Симболиката на квадратурата на кругот, а и на самиот квадрат, била тема на истражување од страна на  супрематизмот. Од квадратот се создаваат нови игри на форми и линии, а и застапува идеал на духовна хармонија и ред.

Казимир Малевич, сликар и теоретичар, сметал дека покрај естетиката што ја поседува квадратот во сета негова идеална симетрија, скриената динамика на ритамот на четирите страни и совршената рамнотежа, за него претставува и чисто чувство.

Кругот е совршена форма, идеално пропорционална, правилна и обединувачка. Асоцира на движење и изразува вселенска нормативност. Човекот впишан во круг кај Леонардо Да Винчи ја одразува врската помеѓу пропорцијата на човекот и кругот, додека Платон сметал дека душата поседува кружен облик. Особено е значаен кругот во ореолите во претставите на светителите во христијански контекст.

 

 

Строгата структуираност на овие форми ги прави овие ликовни конструкции податни за експериментирање со посовремени медиуми, а дигиталниот контекст е нивна природна средина.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а ќе биде отворена до 26 мај. 

*Билјана Билбилоска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Ова е нејзина петта самостојна изложба. Групно се претставувала во земјава и надовр (Турција, Србија, Полска, Франција, Романија, САД). Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.