ИЗЛОЖБА: „Франција, земја на дизајнот“

Сподели

Францускиот институт вечерва во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе организира настан насловен „Франција, земја на дизајнот“, кој ќе опфати предавање на тема „Францускиот дизајн низ примерот на познато дизајнерско студио“ и изложба на дела од француски дизајнери „Маси како уметнички слики: уметност, дизајн и традиционални творби“.

Изложбата ќе ги прикаже креациите на француските дизајнери кои работат за елитни призводители на кујнски прибор. Ќе бидат претставени дела од познати и потврдени, но и од млади француски дизајнери на современ кујнски прибор и прибор од кристал. Изложбата досега е поставена во повеќе земји низ светот и била многу посетена.

Отворањето ќе биде во присуство на Антони Лебосе, реномиран француски дизајнер, директор на студиото 5.5 во Париз, кој претходно во просториите на Музејот на современа уметност ќе одржи предавање на тема „Францускиот дизајн низ примерот на познато дизајнерско студио“.

Предавањето е отворено за јавноста и за него е обезбеден консекутивен превод. Антони Лебосе, кој е почесен гостин на настанот, денеска во Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“ ќе одржи и професионална средба со македонски дизајнери.