Изложба на фотографии „ДИЈАГНОЗА“ од Драги Неделчевски

Сподели

 

Изложба на фотографии „ДИЈАГНОЗА“ Драги Неделчевски
Галерија „КО-РА“ – голем салон, 8 ноември
 
Мојот интерес во фотографијата отсекогаш бил човекот со сите негови премрежија, суптилни и груби борби пред кои го исправа животот. Овојпат, се решив за еден проект кој беше тежок да се истера до крај. Тежок од повеќе аспекти. Емотивно, етички, технички, артистички, фотографски… Секој од нас има понекоја дијагноза. Општеството во кое живееме има дијагноза. Светот, исто така. Со овие фотографии сакав да поставам некои прашања, без очекување дека ќе ги најдам сите одговори. 26 фотографии и илјадници прашања… (Драги Неделчевски)
 
Границите на човековото тело се она кое тој самиот го согледува кога е пред огледало, без разлика дали на него има облека. Според некои истражувања ова не се егзактните граници на телото, туку околу него постои електромагнетна аура која е значи поголема од самиот физички зафатнина на телото. Оваа аура има дупки кои наводно настануваат доколку постојат болести, стресни ситуации, недостаток на правилна исхрана или сон… Фотографската камера на Драги Неделчевски повеќе сака да ни ја долови аурата отколку самото тело, со своето екстензивно настојување да ги нагласи: луминисценциите на животот кој кркори низ човековите клетки и самите граници на телесноста кои во сите случаи се сраснати со околината, облеката, кои дискретно укажувааат дека дур е некој жив, на пример, неговите екстремитети се во динамична целина со трупот, како и едни со други. Значи, динамичноста на животот е срочена во оваа многу фокусирана и прецизна целина од фотографии индикативно укажувајќи дека престанокот на таа динамичност е и крајот на животот. (Игор Поп Трајков)
 
„Дијагноза“ е материјализирање на есенцијата на човекот. Таа ја материјализира желбата за живот. Ако некогаш сте се прашувале како изгледа живо парче хартија што без зборови раскажува минато, сегашност и иднина, драматична осцилација на пад и подем, тогаш со сигурност тоа ќе биде „Дијагноза“.
Целта на „Дијагноза“ е да допре и да поттикне многу различни прашања. Драги, како човечки синоним на прекршено табу, можеби и повеќе од кога било, стреми кон пресвртница во молкот и стигмата за тегобата. Побудува отвореност и дијалог што водат кон раѓање емпатија. Па така, „Дијагноза“ е како чекорење низ густа шума, потсетува дека не сме сами во чекорот и низ повик наоѓаме повеќе сопатници одошто би очекувале, за кои никако не сме свесни и не ги гледаме од густата шума. (Светлана Сиљјаноска)
 
Во фотографиите на Драги Неделчевски одекнува уметноста на живеењето со дијагнозите. Сите кадри се силни шлаканици на реалноста, упатени кон гледачот што не може да види лице. Не може да препознае човек. Но може да види тело и некаква пропорција што немо го пренесува телесниот немир, закован за рамката. Не ги познавам дијагнозите од прва кога ги читам низ написите на секоја фотографија. Но гледам форма што се изместила. Ме изместува и мене затоа што односот со сопствено тело е некогаш борба што уморува. Како што и самиот Драги ќе рече за процесот – тежок, мачен, интимен, од многу аспекти предизвикувачки, така и овој сет од 26 различни човечки судбини се овековечени во целата своја вистина. Овие фотографии се солидаризација на ниво на личното страдање што може, а и најчесто не е секогаш добредојдено кога е „јавно“. А токму тоа е ослободувањето, кога човек ќе ја сподели маката, ќе ја раскаже својата болест, исто како што уметникот го раскажува животот. (Ана Голејшка Џикова)