Изложба на фотографии “Рурална жена низ објективот” од Лејла Курт

Сподели

 

Лејла Куртов родена во Скопје 1996 година е дипломиран педагог на Филозофскиот факултет во Скопје, воспитувач во Детската градинка 12-ти јули во Конче каде се грижи и ги воспитува најмалите. Покрај нејзината професионална дејност во слободно време таа се занимава со фотографија и уметничко сликање. Таа вели дека фотографијата е од големо значење за нас, фотографијата треба да пренесе некоја порака, а од друга страна фотографијата преставува уметничка интерпетација на некое случување, личности или објекти, фотографијата е момент кој можеме да го сочуваме.

Ова е нејзина прва изложба, а покрај тоа е и прва изложба на фотографии која ќе се претстави во Домот на Култура во Конче на 10-ти Март, со почеток од 13:00 часот.

На Изложбата “Рурална жена низ објективот” ќе бидат претставени 19 фотографии и 17 животни приказни со кои авторката сака да го скрши стереотипот за руралната жена во нашето општество.

Фотографиите се доказ дека руралната жена е силна и моќна. Жена која работи со многу труд и креативност, жена која се занимава со земјоделско производство, но во исто време може да биде и претприемач, медицинско лице, учител и се она што таа ќе посака.

Руралната жена е столб кој ја негува традицијата, а од друга страна е и урбана жена која може да приднесе и на економски, социјален и културен развој.

 

Тутутнарка

Фатиме Нанушева  е девојче од село Конче кое заедно со своето семејство одгледуваат јагоди од сортата (АЛБИОН). Годишно ова семејство произведува од 3 до 5 тона јагоди. Фатиме им помага на своите родители, а покрај тоа таа е и студент на Балканскиот Универзитет во Скопје.

Туркан Абдурахманова од село Конче се занимава со берба на високо квалитетен Ориентален тутун. Таа работи заедно со своето семејство. Тутунот е главна земјоделска гранка застапена во општина Конче.

 

Нижење тутун

Јулијана Станковиќ е рурална жена од Село Конче која се занимава со производство на тутун.Тутунот порано се нижел рачно со игла, но денеска тутунот се ниже на посебна машина, а потоа низите се оставаат во сушниците се додека не се исушат и добијат златна боја. Јуле работи заедно со своето семејство и годишно произведува и до 3 тони високо квалитетен ориентален тутун.

Добиток

Ѓулдане Хусеин е рурална жена од село Конче која покрај тутунопрозводителство таа одгледува и добиток .Таа прозведува урда, домашен путер, кисело млеко за сопствени потреби.

Грнчарство

Да се биде грнчар, треба да се има дарба од Бога така велат грнчарите.Тој преставува тежок занает кој не секој би можел да го научи па така во семејството Манасиеви од село Габревци овој занает се наследил од колено на колено како семејно наследство . Ратка Манасиева заедно со својот сопруг повеќе од 40 години се занимаваат со овој занает. Нивните прекрасни изработки ја красат секоја трпеза во Општина Конче, дел се од секоја манифестација во нашата Општина но и на Саемите кои се одржуваат ширум нашата држава.

Домашна тарана (Чорба)

Домашната тарана или народски наречена “чорба” е традиционално јадење и има посебен начин на подготовка кое се спрема со (ДРАМОИН) . Емилија Коцева е жена од Село Конче која оваа традиција ја наследила од својата баба и продолжила да ја негува. Покрај тоа таа се занимава и со земјоделство, а нејзината примарна работа е Негувателка во Детската градинка во Конче каде што се грижи за најмалите.

 

Маџун

Маџунот е традиционален и национален македонски производ кој се прави од бело или црно грозје. .Зејнеп Куртова е рурална жена која го негува традиционалниот рецепт наследен од својата мајка. Зејнеп традиционалниот рецепт на маџун го прави со глина без додатоци на адетиви и шеќери, од своите гроздови насади од сортата на Ризлинг и Кабарне. Нејзиниот маџун е добро познат производ и на Саемите за храна кои се одржуваат во нашата Држава.

Сукање кори

Не постои трпеза во Општина Конче без домашни сукани кори. Овој традицонален рецепт кој се пренесува од генерација на генерација е сеуште застапен во нашата Општина. Руралните жени како Герсилда Василева од село Конче со своите сограѓанки се собираат на убавите сончеви денови и заедно сукаат кори, а пак помалите им помагаат и учат од своите мајки.

  Толчник (Дибек)

Дибек, чутура,кутле се локални називи за сад кој се употребувал и сеуште се употребува за толчење пипер, сол, афион, науд и друга зрнеста храна. Овој сад е направен од камен или тврдо дрво кој најчесто ја следи природната форма на дрвото и има цилиндричен облик. Фикрије Абдурахманова од село Конче ја одржува оваа традиција користејќи го овој сад за толчење на црвен пипер.

Сушени Везени пиперки

Сушените везени пиперки се есенска фасада во домовите во нашата Општина. Во селта во општина Конче не постои куќа на која овој период нема да забележите барем една ваква низа .Севим Усеинова е една од домаќинките во село Конче која ја следи оваа традиција. Според неа везените пиперки се одлични за зимските јадења, разновидни макала како и прилог во скоро секое јадење.

 

Девојка во житна полјана

 

Фунда Реџеп е девојка од Село Конче која е Европски Амбасадор на младите во нашата држава. Исто така таа е и студент на Медицинскиот Факултет во Штип.

Македонски Вез

Народните носии во Македонија имаат многувековна традиција. Тие се дел од материјалната култура на македонскиот народ и претставуваат значајна гранка од народното уметничко творештво.Цана Атанасова е рурална жена од село Дедино која рачно ткае традиционална Дединска македонска носија и е единствена во нашата Општина која оваа традиција сеуште ја негува. Нејзините прекрасни изработки се доказ за долгата културно-уметничка историја на село Дедино.

 

Дединска традиционална македонска носија и Дединско Девојче

 

Зорица Атанасова од село Дедино за себе вели дека е горда македонка која потекнува од традиционално македонско семјество кое исклучително ги цени белезите на македонската култура.Таа како мала почнала да ја негува традицијата на своето село, па така се приклучила во Фолклорниот Ансамбл Цветови каде научила какво е задоволството да ја претставува својата земја насекаде во светот. Таа вели дека главниот белег на село Дедино е токму нивната носија која е ткаена од рацете на нејзините предци. Зорица благодарејќи на Цветови имала прилика да посети повеќе држави и да ги покаже танцувачките вештини на нејзиниот народ. Покрај танцувањето таа се занимава со кикбокс и фудбал, а воедно е и редовен студент на Економскиот Факултет во Штип.

 

Конечка традиционална македонска носија

 

Николинка Василева е член на Културно Уметничко Друштво Конче повеќе од една година.Таа вели дека и преставува чест и одговорност да го претставува Село Конче насекаде во регионот на различни културни манифестациии во својата носија. Конечката традиционална македонска носија е еден од културните симболи на Општина Конче.

Конечка традиционална турска носија

Мелике Абдурахманова е член на Турско Културното Уметничко Друштво Зија Ѓокалп во Село Конче. Турската носија во Општина Конче има долга историја, таа  е дел од  различните свечености како и празнични прослави на турскиот народ во нашата Општина. Она што е карактеристично за оваа носија се разнобојните свилени шалвари кои младите девојки ги носат.

 Обичаи

Покрај фолклорната традиција Општина Конче е богата и со обичаи кои од генерација на генерација се пренесуваат и негуваат.Аслихан Баро е девојка од село Конче која вели дека она што најдобро би можело да ги дефинира традиционалните обичаи на турците во Општина Конче е негата за нивно континуирано одржување преку нивните празници и различни свечености .

 Соживот

Зора Младенова и Зејнеп Алицова се две рурални жени од две различни религии и две различни националности од село Конче, тие се пример дека соживотот во Општина Конче сеуште постои. Доказ за тоа е нивното пријателство кое трае повеќе од 50 години. Нивното пријателство е и доказ дека верските, културните, јазичните разлики не претставуваат бариера за едно пријателство да опстои.