Изложба „Темната страна на римската историја“ во Франкфурт

Сподели

Во Археолошкиот музеј во Франкфурт вчеравечер беше отворена изложбата „Темната страна на римската историја“ како резултат на соработката меѓу Музејот на Град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа меморандум за соработка. Изложбата, која само вчеравечер ја видоа над шеесетина посетители, ќе биде поставена до јуни следната година.

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, Марија Станчевска-Ѓоргова, во своето обраќање посочи дека оваа изложба ни овозможува да ги истражиме термините, но и фасцинантните аспекти од животот во римската провинција, преку археолошките откритија од античкиот град Скупи, кој денес е значаен дел од културното наследство на нашата земја.

– Масовната гробница, централната тема на изложбата, носи приказни за историјата, за социјалните односи и за обичаите на едно минато време кое и денес остава траги врз нашето разбирање на светот. Пронајдените артефакти се неми сведоци на минатото, кои ни поставуваат прашања за разбирање на животот, општествените структури и обичаите на оние што живееле пред нас – рече Ѓоргова.

Артефактите, дополни Ѓоргова, ни даваат увид и во нивните верувања, уметнички изрази и врските што ги граделе со светот околу себе, но и за тоа како се преплетуваат со пошироките текови на Римската Империја.

Таа посочи дека изложбата е мост што ја поврзува нашата историја со сегашноста, овозможувајќи ни да се потсетиме на важноста на културното наследство и неговото зачувување за идните генерации.

Директорот на Музејот на Град Скопје, Панче Велков, во своето обраќање рече дека отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен.

Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид, посочи оти се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.

Иложбата „Темната страна на римската историја“ беше подготвена од покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот Скупи.

Оваа изложба премиерно беше прикажана во Музејот на Град Скопје во 2017 година, потоа во Подгорица во Црна Гора, во Требиње во Босна и Херцеговина, како и во Белград, Србија.

Претходно, на 26 ноември, шестмина специјалисти предводени од заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, го посетија Скопје, каде што беше потпишан и меморандум за соработка кој претставува прв чекор во воспоставување на соработката на државно ниво меѓу Министерството за култура и туризам  и Германскиот археолошки институт.