Од утре, среда (21.09.2022 год), поради градежни зафати и затворање на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на потегот од кружниот тек до раскрсницата со булевар „Св.Климент Охридски“, линиите 4А, 5 и 5А, ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, информираат од ЈСП. Затворањето на улицата ќе се одвива фазно.
Во првата фаза, ќе бидат затворени само сообраќајните ленти во правец кон Ѓорче Петров. Во таа фаза, возилата од центар, од улица „Димитрие Чуповски“, ќе вртат лево по булевар „Св.Климент Охридски“, кај Дом на печат ќе вртат десно по улица „Св.Кирилј и Методиј“, па на кружниот тек ќе продолжуваат по своите редовни траси. При посочениот режим, како времена автобуска постојка во правец кон Ѓорче Петров, ќе се користи просторот кај металните косини на тротоарот кај АМСМ.
Во втората фаза, ќе бидат затворени сообраќајните ленти од кружниот тек кон централното градско подрачје. Во таа фаза, возилата од кружниот тек ќе продолжуваат по улица „Св.Кирил и Методиј“, кај Дом на печат ќе вртат лево по булевар „Св. Климент Охридски“, потоа ќе продолжуваат по улица „Димитрие Чуповски“ по своите редовни траси. При посочениот режим, како времена автобуска постојка ќе биде делот после раскрсницата со улица „Народен фронт“, односно третата канделабра после раскрсницата.
Изменетиот режим ќе важи во наредниот период, се до завршување на градежните работи на улицата која е дел од редовната траса на линиите 4А, 5 и 5А.