Во периодот од 20 до 27 јануари за превоз со жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст имало интерес од 3.980 граѓани, односно само за време на викендот – 2.893 граѓани го посетиле Водно и ја искористиле жичницата. Овој податок говори за големиот бенефит кој што го почувствуваа скопјани со реактивирањето на жичницата.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и трите автобуски линии кои сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30. декември. Во периодот ноември – март жичницата работи секој ден, освен понеделник и секој последен вторник во месецот (поради сервис), од 10 до 17 часот.
За возење во жичницата важат протоколи за заштита од Ковид 19 – во кабина се дозволува превоз на максимум 4 лица, кои имаат обврска да носат маска. На патниците пред влез во кабината им се мери температура и се врши дезинфекција. Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот.
За граѓаните на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче (куче со мал/среден раст), а дозволен е и превоз на куче-придружник на лицата со хендикеп.
До Средно Водно сообраќаат три автобуски линии – бројот 25 (Транспортен центар – Средно Водно) сообраќа секој ден освен понеделник, како и броевите 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и 25Б (Дом на печат – Средно Водно) кои сообраќаат само за викенди и државни празници. Сите три линии за време на викендите и државните празници се бесплатни за граѓаните. Возниот ред за овие три автобуски линии граѓаните можат да го погледнат на Интернет – страницата на ЈСП Скопје, www.jsp.com.mk