Во периодот од 10 до 17 февруари жичницата од врв на Водно ја користеле 3542 граѓани, додека од нив 2590 граѓани за време на викендот. Ова говори дека е голем интересот на скопјани за возење со жичницата од нејзиното реактивирање.
Жичницата до врв на Водно и трите автобуски линии кои сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30.12.2021 година. Во периодот ноември до март жичницата работи секој ден, освен понеделник и последниот вторник во месецот од 10 до 17 часот, кога е затворена поради сервисирање.
За возење во жичницата важат протоколите за заштита од Ковид 19, во кабина се дозволува превоз на максимум 4 лица. Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот.
За граѓаните на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче, куче со мал/среден раст, а дозволен е и превоз на куче-придружник на лицата со попреченост.
До Средно Водно сообраќаат три автобуски линии, бројот 25 од Транспортен центар до Средно Водно сообраќа секој ден освен понеделник, како и броевите 25А од Автомакедонија до Средно Водно и 25Б од Дом на печат до Средно Водно, кои сообраќаат само за викенди и државни празници. Сите три линии за време на викендите и државните празници се бесплатни за граѓаните. Возниот ред за овие три автобуски линии граѓаните можат да го погледнат на jsp.com.mk интернет страницата на ЈСП Скопје.