Извештај на Комисијата на ГАК: Кај починатите бебиња постапено е во согласност со предвидените медицински протоколи

Сподели

Комисијата за вршење на стручна работа на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје на која починаа 4 бебиња, изготви Извештај според кој е заклучено дека се работи за високоризични бремености, завршени со предвремено породување во рана гестациска возраст и ниска родилна тежина на новородените, со присутност на медицински компликации во тек на бременоста. Според Извештајот, во четирите случаи со починатите бебиња било постапено во согласност со предвидените медицински протоколи.

„Извештај од Комисијата за вршење над стручната работа на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство- Скопје во врска со лекарскиот третман на починатите новороденчиња на 21.09.2017 година во одделот за интензивна неонаталана нега, Комисијата констатира дека се работи за високоризични бремености, завршени со предвремено породување во рана гестациска возраст и ниска родилна тежина на новородените, со присустност на медицински компликации во тек на бременоста. Сите овие ризик фактори го отежнуваат преживувањето на новородените деца и ја зголемуваат стапката на морбидитет и морталитет кај истите. Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници од страна на Комисијата се констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи, соодветен третман пред породувањето, правила индикација за оперативно завршување на предвремено започнато породување, запазени анестезиолошки процедури, успешно спроведена примарна стабилизација на новородените како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија“, се вели во Извештајот на Министерството за здравство.

Во направениот увид од медицинската документација и разговор со медицинскиот персонал констатирано е следното:

„Новородено машко, прематурно новородено 25. гестациска недела со екстремно мала родилна тежина на палијативен третман, починало во првите 24 часа. Новородено женско, прематурно новородено 29 гестациска недела од ризична бременост, мајка со хипертензија и инфекција. Дадена е соодветна медицинска терапија, починало на третиот ден од раѓањето. Новородено машко, прематурно родено 29 гестациска недела од ризична бременост, интубирано веднаш по раѓање и поставено на А/Ц даден сурфактант. Последниот ден од престојот доаѓа до акутно влошување на состојбата со десатурација по што е реинтубирано и реанимирано. Спроведено е ЦПР но починува. Новоредено женско, прематурно родено 27 гестациска недела. Престојувало на одделот 37 дена на механичка вентилација, за цело време во исклучителна тешка општа состојба“, се вели во заклучокот од Комисијата.

Министерството за здравство, во моментов е посебно фокусирано на изготвување посебна стратегија, со дефинирање конкретни мерки и активности за унапредување на гинеколошката здравствена заштита на Клиникатата за гинекологија и акушерство во Скопје, како и во сите породилишта во државата.