Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е повикана во обвинителството во вторник, во 10 часот, да даде исказ за предметот „Рекет“ потврдија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Сведочењето на Катица Јанева следува неколку дена по објавувањето на снимените разговори од италијанскиот весник „Ла Верита“, во кои се слушна нејзиниот глас заедно со оној на Боки 13.
Дали Јанева ќе добие статус на осомничена, се уште не се знае, но од Обвинителството потврдуваат дека истрагата ќе биде проширена на нови лица.
-Веројатно ќе се прошири, но спрема колку лица во овој момент не може да се каже, неопходно е да се направи сумблимат на изведените докази и оние што следните денови ќе бидат изведени – велат од Обвинителство за „Фокус“.
Денеска во Основното јавно обвинителство дојде да даде исказ обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, кој го води случајот „Поштенска банка“. Тој е повикан да сведочи за предметот „Рекет“, во кој Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески заедно се сомничат за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Боки 13 се сомничи и за кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Изминатава недела за предметот „Рекет“ веќе дадоа исказ два други обвинители на СЈО – Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска.