Јанева: Предметите од СЈО се активни и се работи по нив

Сподели

СЈО си го заслужи местото во институциите на државата. Покрај тоа што ќе продолжи да работи во неограничен мандат, најважно е што протокот на предметите што ги работеше досега нема да заврши со ниедно законско решение. Тоа значи дека без разлика дали ние ќе ги работиме одредените предмети или обвинителството за организиран криминал, сите предмети се активни и се работат – изјави специјалната обвинителка Катица Јанева, по потпишувањето на меморандумот за соработка за користење на Системот за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари на кој се обратија министрите за правда, за внатрешни работи и за информатичко општество и администрација, Рената Дескоска, Оливер Спасовски и Дамјан Манчевски, како и на претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

За државниот јавен обвинител Љубомир Јовески новиот закон за јавно обвинителство, во кој е инкорпорирано СЈО, содржи добри одредби кои овозможуваат натамошно функционирање и на СЈО и на ЈО.

„Сѐ она  за што не ќе може да постапува СЈО, а што ќе може да се води, ќе го преземе надлежното обвинителство, согласно кривичното дело за кое се водат постапките“, рече Јовески.

На новинарско прашање дали СЈО ќе работи без „бомбите“ во предметите како „Империја“, обвинителката Катица Јанева посочи дека од првиот момент кажала дека „бомбите“ секогаш биле проблематични, уште во моментот кога не биле признати од страна на судот како доказни средства. Нагласи дека СЈО секогаш во своите истраги и предистраги се трудело да прибави колку што може повеќе материјални докази и искази од сведоци за конкретните настани поврзани со „бомбите“.

„’Бомбите’ ги олеснуваше и појаснуваше некои работи во склоп на сите други материјални и вербални докази, но сметам дека и начинот на работа без ‘бомби’ е предизвик за специјалните јавни обвинители и ќе се потрудиме да бидеме на висина на задачата“, изјави Јанева.

Новинарите ја прашаа дали СЈО има доволно докази за случајот „попис“ за Али Ахмети и дали може наскоро да се очекува обвинение, Јанева одговори дека се работи на предметот, што сѐ уште е во истрага.

Прашана дали со новиот закон нема да се спаси некој од политичарите односно функционерите ако „бомбите“ нема да бидат докази, таа рече дека сѐ е можно.

„Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет. Но, ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на бомбите бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, појасни таа.

Прашана дали очекува СЈО да ја добие поддршката од пратениците, таа рече дека не сака да шпекулира, но, истакна, се задоволни од начинот на кој се пристапило кон донесување на законот. Посочи дека повеќето од пратениците се за законот за СЈО и изрази надеж дека довербата на граѓаните е се уште силна во СЈО.

За одлуката на Врховниот суд за случајот „Империја“ за пуштањето од куќен притвор на дел од осомничените, и дали е следен Сашо Мијалков, Јанева смета дека најважно е што СЈО има доволно докази по предметите за да се продолжат истрагите и одредени предистраги на кои се работи за овие лица.

„Можеби во иднина и во најбрз можен рок, ќе побараме по други предмети одредени мерки за определени лица“, рече таа, додавајќи оти е можно за Мијалков да побараат притвор за друг предмет ако биде пуштен за „Империја“.

Во однос на обвинувањата од страна на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски дека имало од нејзина страна уцена за одмрзнување на имотот на партијата за поддршка од пратениците за законот, Јанева информира дека имала средба со него по негова иницијатива, преку трето лице присутно таму, на која немало никакви закани и уцени. Имало неврзан разговор за критиките дека само одредени лица се предмет на истрага од страна на СЈО.

„Мислев дека е добро да се поразговара и да го замолам Мицковски да го поддржи доколку дојде до закон за СЈО со кое му се продолжува мандатот за неопределено време како дел од правосудниот систем, дека може да го разгледа тоа прашање во неговата партија за да може да изразат поддршка“, изјави Јанева.