ЕТНА – Јосип КОЦЕВ

Сподели

12187792_1611023662493453_4507339959619113865_n-1

 

Јас од моите години ти дадов денови,
да те згреат во староста,
да те разденат кога од изгрев до залез
само смртта ќе ти биде чекан гостин.
Јас од моите години ти дадов денови,
бескрајно долги летни денови,
денови од скротен океан и сончева жар,
часови меѓу корали и свилени песоци,
за да се најдеме на сите краеви од сите животи,
со млада кожа и срца збрчкани од погрешни љубови.
Јас од мојата младост ти дадов сокови,
за да ги испиеш со душата и
да ми изникнеш во идни времиња,
на почвата во која сите фрлаат отрови,
токму така како што си сега,
како да те одгледало небото,
како да те воспитале облаците,
како да те израснале планинските венци…
Да ме погледнеш со Етна во очите.
Јас – првата вода, ти – првиот оган
што некогаш се сплотиле..