Јавниот долг го достигна нивото од 60 отсто од БДП

Сподели

 

Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај од извршената ревизија на успешност – Управување на јавниот долг-задолжување на Република Северна Македонија.

Ревизијата е извршена  согласно  Годишната  програма  за  работа  на Државниот  завод  за  ревизија  за  2020  година  и го опфаќа  периодот  од 2015 – 2020 година,  иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2015 година и последователно до денот на  известување од извршената ревизија.

Ревизијата е извршена со цел  да бидат дадени одговори на следните прашања:

-Каков ефект има фискалната политика преку буџетскиот дефицит и  управувањето со јавните инвестиции кои се финансираат со средства од задолжување врз јавниот долг?

-Дали  јавниот долг кој е зголемен за 15 процентни поени од Бруто домашниот производ во COVID-19 кризата и го достигна лимитот од  60 % од БДП, е одржлив?

-Дали системот за управување со јавен долг овозможува ефикасно управување со јавниот долг на Република Северна Македонија преку обезбедување средства за финансирање на Буџетот на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок и со одржливо ниво на ризик и издавање државни гаранции на начин кој одговара на одржливо ниво на ризик и одржување ефикасен и ликвиден пазар на државни хартии од вредност?

Во ревизорскиот извештај е нагласено влијанието на фискалната политика во создавањето на јавниот долг. Во Република Северна Македонија, 75% од вкупниот јавен долг, односно 88% од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи.

-Во услови на КОВИД-пандемијата постигнат е лимитот на јавниот долг од 60 отсто од БДП и долгот е зголемен за 15 процентни поени. Во Република Северна Македонија и други држави во меѓународни рамки како одговор на здравствено-економската криза не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг, наведува ДЗР.