Јовески: Да се надминат проблемите кои придонесуваат за долготрајност на постапките

Сподели

 

Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески побара од јавните обвинителства во државава, да направат увид во предметите во кои е детектирано продолжување или пречекорување на роковите за истрага со цел да се утврдат причините, како и можностите за надминување. Ова било разговарано на онлајн состанокот со јавните обвинители, на кој тема беше последниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2020 година, во кој во делот за РСМ се нотира пречекорување на роковите за истраги.

Апелирам на одговорност, совесност и чесност со цел враќање на угледот во професијата. Тоа можеме да го направиме само со ефикасност на постапките, истакна Јовески.

Според него, оценката изнесена во Извештајот на Стејт департментот е недвојбено објективна, а бројните предизвици со кои се соочуваат обвинителите во работата не смеат да бидат оправдување за пролонгирање на постапките.

Тој побара од сите обвинители да вложат максимални напори за поефикасно гонење на криминалот, а соработката со Министерството за внатрешни работи и со другите институции да се унапреди и да се одржува на високо професионално ниво.

Современиот вид на криминал обвинителството не може самостојно да го истражува, неопходна е меѓуинституционална соработка, истакна Јовески.

Токму соработката со другите институции, покрај актуелната епидемиолошка состојба во државата, беше наведена како клучен елемент за долгото траење на одредени истражни постапки. Обвинителите се соочуваат со проблеми заради долготрајни вештачења од определени институции, како и со непочитување на законските рокови од одредени институции за достава на бараните податоци. Исто така долготрајна е и постапката на меѓународна правна помош, која е неопходна за обезбедување докази во определени предмети.

За да се надминат овие проблеми, Јовески ќе иницира средби со надлежните институции од кои ќе побара нивно екипирање и навремена достава на податоците неопходни во истрагата. Дополнително, од членовите во работната група за претстојните измени на Законот за кривична постапка од редовите на Јавното обвинителство беше побарано да го дадат својот максимум, со цел во новите законски одредби да се надминат проблемите и недостатоците кои во моментов придонесуваат за долготрајност на постапките.