За жал, повторно сме приморани да го демантираме „Плусинфо“ и текстот објавен денеска (четврток, 28.09.2023 год) со наслов “ВОЗАЧИ НА ЈСП ВЕЌЕ ГИ ПАКУВААТ КУФЕРИТЕ – В сабота 30 шофери тргнуваат за Словенија, а потоа за Германија”, реагираат од ЈСП.
И овој пат, очигледни се тенденциозните намери на „Плусинфо“ за нарушување на имиџот на ЈСП Скопје, кој полека, но сигурно неговото актуелно раководство се обидува да го врати.
Текстот, за жал, се базира на изјави и пренесување на “факти” од страна на лице кое не е вработено во ЈСП Скопје, ниту, пак, некогаш било.
Сметаме дека од „Плусинфо“ (не)свесно не сакаат да се информираат за реалната состојба во нашето претпријатие, автоматски притоа исполнувајќи нечија дневно политичка агенда.
Факт е дека во ЈСП Скопје повеќе од 30 години не цветаат рози, но факт е и дека менаџментот почна да го консолидира претпријатието, за што, меѓудругото, доказ се и финансиските показатели за работењето во последното тримесечје.
Медиумската хајка против ЈСП Скопје, нема да ги запре напорите на раководството, да им овозможи на скопјани квалитетен јавен превоз, се вели во реакцијата на ЈСП.