Раководството на „Југохром“ постапи по одлуката на државниот инспекторат за животна средина, кој вчера донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече пред два дена.
Генералниот директор на „Југохром“, Васко Скендеровски, во телефонска изјава рече дека од синоќа етапно почнале со исклучување на печките и дека до полноќ сите печки ќе бидат исклучени.
– Ние мора да ја почитуваме одлуката на Државниот инспекторат за животна средина. Сепак, оваа одлука требаше да ја потврди и Владата. Бидејќи оттаму немаме никаков допис, ние ќе ја почитуваме одлуката на инспекторатот – изјави Скендеровски.
Тој додаде дека нивни екипи ќе продолжат со изградбата на филтер-станицата, чии темели се веќе поставени.
– Морам да кажам дека досега филтер-станицата ќе беше изградена, но многу чекавме за да добиеме градежна дозвола за нејзина изградба – додаде Скендеровски.
Со затворањето на комбинатот, без работа ќе останат околу 1.000 работници.