Вршителот на должност претседател на Движењето Беса, Неџмедин Кахремани денеска извести дека по неговиот избор за в.д. престедател, од вчера имал сериозни закани по живот за него и семејството.
– Ги поздравувам сите лица кои ми се закануваат и тие се веќе пријавени во полиција. Со овој случај е запознат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а ќе бидат известени и сите дипломатско-конзуларни претставништва, Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ и на ОБСЕ. Мојата должност на пратеник сум ја прифатил, бидејќи сите точно знаат кој ги доби гласовите во Тетово – информираше денеска Кахремани во Собранието.
Во однос на случувањата во партијата, тој рече дека Движењето Беса е доволно консолидирано и со одржувањето на Конгресот идниот месец, се ќе биде во ред. Додаде дека нема скопски огранок на Беса, туку дека едно е Движењето Беса.
– Освен мојот интелектуален и професионален дигнитет, денес ги претставувам и моите гласачи и затоа ги замолувам сите кои нарачуваат закани не можат да ме спречат да ја вршам должноста чесно и доследно – додаде тој.