Kампања на РСБСП: Стави појас, за твоја безбедност!

Сподели

 

Истражувањата и проценките  покажуваат дека помалку од  40% од  возачите  користат сигурносен појас.  Тој процент е уште помал кога станува збор за сопатници на предното седиште кои користат појас.  Бројот на патници на задното седиште кои користат појас е приближно еднаков на нула.  За споредба само,  стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90%, а на задните седишта од 60% до 70% и ЕУ ова го смета за „сериозен проблем“.

Истражувањата исто така покажуваат дека  во помалите градови помалку се користи појас во споредба со Скопје.  Исто така истражувањата покажуваат дека кога возачите и патниците патуваат на пократко растојание во населено место помалку користат појас во споредба со патувањата кои се реализираат на подолга дестинација, надвор од населено место. Ваквата состојба мора  да се промени.

Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започна со реализација на кампања под мотото „Стави појас“. Во првата и почетна  фаза кампањата опфати повеќе едукативни  активности преку електронските и социјалните медиуми. Во втора фаза кампањата ќе опфати повеќе теренски активности како организација на едукативни предавања за учениците и студентите,  засилени контроли од сообраќајната полиција,  едукативни настани на повеќе јавни места и едукативни акции за дистрибуција  на сообраќајно едукативни материјали.

 

 

 

Важно е да се потенцира дека кампањата ќе биде поддржана од повеќе јавни личности и од општествено одговорни компании. Посебно важна е поддршката од РК Вардар и РК Еурофарм Пелистер и согласно тоа во наредниот период ќе бидат реализирани повеќе превентивно едукативни активности и изненадувања за поддржувачите на ракометот и тоа:  освежувач за автомобил со боите на клубот за секој посетител на натпреварите, превентивни акции и билети за возачите кои користат појаси, опрема, маици и други реквизити за оние кои во рамките на акцијата  ќе  биде потврдено дека користат појас кога возат или патуваат.

Користењето на појасите е законска обврска како за возачите така и за патниците на предните и задните седишта. Возачите и патниците мора да сватат дека користењето на сигурносниот појас е наменето пред се за нивна лична безбедност и тоа е  суштинско за тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.  Законот предвидува казни за возачите и патниците кои не користат појаси,   но нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди во кои учесниците не  користеле појас.

Многу нешта денес би биле различни, многу луѓе би биле посреќни, многу семејства нема да беа завиткани во црно, доколку нивните блиски ја почитуваа законската обврска за користење на  сигурносен појас. За жал многу касно, најчесто после сообраќајна незгода со фатални последици се прашуваме: „ Брзо ли возел?“, Бил ли под дејство на алкохол? “ Врзан ли бил со појас?“ Затоа, размислете на време, користете појас! Секогаш и секаде, дури и на најкратките патувања ставете појас, за ваша безбедност – потенцира Гордана Кожуваровска, Претседател на РСБСП.

Истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека 50% од возачите кои животот го загубиле на патиштата, загинале поради тоа што не користеле појас, односно  истражувањата покажуваат дека сигурносниот појас го намалуваа ризикот од фатални последици при сообраќајна незгода за 50%.

Затоа, РСБСП со апел: СТАВИ ПОЈАС!

#СТАВИПОЈАС