Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од израелскиот Парламент – Кнесет, предводена од Хамад Амар, претседател на Парламентарната група за пријателство и соработка помеѓу Државата Израел и Република Северна Македонија.
Членовите на Кнесетот престојуваат во посета на земјава по повод одбележувањето на 80 годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.
Осврнувајќи се на претстојните комеморативни настани, на кои ќе се оддаде достојна почит за загубените животи на Евреите, претседателот посочи дека Северна Македонија ќе продолжи со своите заложби и политики за сеќавање на Холокаустот и борбата против антисемитизмот, како наша заедничка историска и цивилизациска одговорност.
На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете држави на сите полиња, а беше посочена и улогата на еврејската заедница во Република Северна Македонија и беше изразено уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на пријателските односи меѓу двете земји.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за приниципиелната поддршка од Државата Израел во изминатиот период и изрази подготвеност за унапредување на севкупната билатерална соработка.