Киднапиран патнички авион, приврзаник на Гадафи се заканува со бомба

Сподели

Авионот со 118 лица, кој летал на внатрешна линија во Либија, беше грабнат од маж, кој тврдејќи дека во раката има бомба, го принуди екипажот да слета во Малта.

Грабнувачот порачал дека е поддржувач на поранешниот либиски лидер Моамер ел Гадафи и дека сака да ги ослободи сите 111 патници во авионот „Ербас А320“, но без седумчлениот екипаж, доколку неговите барања бидат исполнети, јави весник „Тајмс оф Малта“.

Засега не се знаат неговите барања, ниту дали тој е сам или има помош од други лица.

Како што јави ТАСС, малтешки војници веќе зазедоа позиции на неколку стотини метри од авионот на пистата.

Сите летови на малтешкиот меѓународен аеродром се откажани или одложени.

Грабнатиот авион на државната авиокомпанија „Африкија ерлајнс“ изведувал лет од градот Себха во југозападна Либија до престолнината Триполи. Летот на оваа маршрута вообичаено трае малку повеќе од два часа.

Малтешкиот премиер Џозеф Мускат на Твитер соопшти дека е информиран за случајот на киднапирање на либискиот авион и дека во моментов се преземаат екстерни безбедносни операции.

Од киднапираниот либиски авион, што денеска слета на аеродромот во Ла Валета, почнаа да излегуваат патници, јави телевизијата „Скај њуз-Арабија“.