„Кино утро“ за најмладите во Кинотека

Сподели

Кинотека ја почнува новата година со богата и разновидна програма за љубителите на филмската уметност. Во текот на јануари, за најмладите Кинотека организира утрински проекции во рамки на тематот „Кино Утро“, а исто така ќе се одржат и проекции на македонски документарни и кратки филмови, како и зимското издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Во рамките на програмата на „Кино утро“ ќе бидат прикажани: македонскиот анимиран филм „Јон против галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, „Мечето Падингтон“, „Божиќната магија на животните“, „Кариран нинџа 2“, „Дедо Мраз супер херој“ и „Соништата на еден робот“. Тематот „Кино утро“ има за цел да ги доближи најмладите до филмската уметност и да го разбуди нивниот интерес за киното како посебно доживување.

Проекциите на филмовите почнуваат од  утре, 9 јануари 2025 година.

Љубителите на македонската кинематографија овој јануари ќе имаат можност да уживаат и во проекции на документарни и кратки македонски филмови. Програмата ги слави делата на домашните автори, истакнувајќи ја нивната креативност и ангажираност.

Кинотеката ќе биде домаќин на зимското издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во рамките на ова издание ќе бидат прикажани пет наслови – копродукции меѓу земји од јадранскиот регион кои оставиле значителен печат во изминатите три години.

Првата проекција ќе се одржи во кино-салата на Кинотека, додека останатите четири филма ќе бидат достапни на дигитална платформа, овозможувајќи поширока достапност на овие значајни дела.