Кинотека учествуваше во меѓународен проект за дигитализација

Сподели

НУ Кинотека на Македонија во рамките на програмата ЕРАСМУС+, поддржана од Европската Унија, учествуваше во проектот „Мобилна евтина дигитализација на таканаречени домашни филмски формати – МобиРеел“. Во проектот беа вклучени и институции од: Бугарија, Холандија и Германија.

„Проектот е заедничка иницијатива на пет партнерски институции со цел да одговори на значајните предизвици со кои се соочуваат библиотеките, архивите, музеите и другите институции за културно наследство при дигитализирање, зачувување и промовирање на нивните дигитализирани збирки на филмови со фокус во таканаречените домашни филмски формати (8 мм, Супер 8 , VHS, SVHS итн.). Целиот проект, резултатите и продуктите од проектот се достапни на македонски, англиски, германски, холандски и на бугарски јазик“, информираат од Кинотеката. Оттаму додаваат дека проектот започна во септември 2022 година и завршува во септември годинава, а значајните резултати и продукти што ги произведе овој проект се веќе достапни и ќе продолжат да бидат достапни за секоја институција и секоја индивидуа што ќе сака да ги користи.

За самиот проект, освен платформата на која ги има сите продукти, беше изработен и јутјуб-канал каде што може да се проследат и видеата што беа снимени во рамките на проектот. Исто така, се изработи и фејсбук-страница за самиот проект каде што може да се следат новости во врска со проектот. Повеќе информации се достапни на веб- страницата на Кинотеката.