Вести Изјави Македонија Ударни вести

Кирацовски: Кривичните дела сторени со злоупотреба на службената должност нема да застаруваат лесно

 

 

 

“Пред извесно време, поради истекување на рокот од шест години без правосилна судска пресуда и настапување на апсолутна застареност за кривичното дело „Траекторија“ се беше спасил симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење, Никола Груевски.

Тоа беше капката која го прели пехарот на неправдата и која од сите нас побара соодветна реакција.

Токму затоа, како пратеник во Собранието на нашата Македонија, тогаш ветив, а денес поднесувам Предлог- закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик со кој кривичните дела сторени со злоупотреба на службената должност (особено од избрани и именувани лица – функционери), нема да застаруваат лесно.

Со предлог законското решение се претпочита измена на кривичниот законик со што периодот на апсолутната застареност, заради заштита на општествениот интерес, се зголемува за една третина од моментално пропишаната, односно „застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине трипати онолку време (наместо актуелно – „двапати’’ онолку време) колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење“.

Дополнително, во законот се додава нов став кој гласи „Ако пред истекот на роковите од членот 107 став (1) точки (1), (2), (3), (4), (5) и (6) од овој закон е донесена првостепена пресуда застареноста на кривичното гонење се продолжува за две години, со што исто така се оневозможува брзо застарување на кривичните дела по донеување на првостепена пресуда.

Доколку се погледне статистиката на застарени предмети најчесто застаруваат делата од триесеттата глава од Кривичниот законик односно кривични дела против службената должност, односно оние чии последици најмногу се рефлектираат на нашата држава.

Најголем број од забелешките во извештаите кои Република Северна Македонија ги добива од меѓународните партнери се однесуваат токму на оваа сфера односно на владеењето на правото, одолговлекување и застарување на постапките и неселективна правда.

Најзначајниот сегмент од донесувањето на овој закон е тоа што со него ќе се зголеми рокот за кој, во секој случај, може да застарат делата кои се однесуваат на службената положба, а со кои се нанесуваат огромни штети на државата за сметка на остварување на имотна корист на поединци.

Со ваквиот предлог ќе се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото и заштита на јавниот интерес”- изјави Александар Кирацовски.

Сподели: