Кирацовски: Притисок врз вработените во повеќе институции да протестираат пред ДИК

Сподели

„Од повеќе институции во Република Македонија имаме информации дека на вработените во истите им се врши притисок од страна на раководителите да дојдат пред Државната Изборна Комисија и да протестираат со цел да извршат притисок врз работата и носењето на одлуки на истата.

Сакаме да ја информираме јавноста дека извршување на партиски и изборни активности во текот на  работното време во јавниот сектор е спротивно на член 38 од Законот за вработени во јавниот сектор, а вршењето на закана, оневозможување и спречување на утврдување или објавување на резултатите од гласањето е казниво согласно член 158 од Кривичниот законик.

Ние нема да дозволиме кој било вработен во јавниот сектор да трпи притисоци и понижувања и да биде инструмент во рацете на режимските слуги во заминување! Во насока на нивна заштита поднесуваме иницијатива до Државниот инспекторат за труд, Државниот  управен инспекторат  и Министерството за внатрешни работи за вонреден надзор на работата на следниве институции:

-Општина Штип;

-Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Штип;

-РЕК Битола.

Секој оној кој на каков било начин ќе ја злоупотреби службената должност ќе одговара!

Вработените не се и нема да бидат инструмент во рацете на режимот во заминување“, вели преку писмено соопштение, Александар Кирацовски, дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација.