КК Гостивар: Индолентен однос и негрижа на Општина Гостивар за спортот

Сподели

 

 

КК Гостивар и во оваа 2021 година жилаво се бореше со останатите тимови во најелитното кошаркарско натпреварување во земјава. Новата година ќе ја пречека на 4.позиција на табелата што е одличен и најголем успех на спортски колектив од Гостивар.

Но, пред замиинувањето на 2021 сакаме да се осврнеме на нешто друго, и да ја информираме јавноста пред се онаа од Гостивар, за индолентниот однос и негрижата на Општина Гостивар и Советот на Општина Гостивар кој сето тоа го аминува, кон најголемиот спортски амабасадор на градот, Кошаркарскиот клуб Гостивар.

Секоја календарска година, од општинскиот буџет се “издвојуваат” средства за спорт, кои советниците гордо ги гласаат со изговор како го сакаат и поддржуваат спортот во Гостивар. Се делат пари на ФК Гостивар, КК Гостивар, РК Јехона, Шаховски клуб, помали фудбалски клубови, летачки клубови, карате, кик бокс, скијање и многу други спортски субјекти. И ако се делат, треба да се делат на сите!! Тоа се јавни пари наменети за поддршка на спортот во нашиот град и за ништо друго! И наместо константно да се тежнее ставката Спорт и рекреација да се зголемува, еве за наредна 2022 истиот е преполовен, на 4 милиони денари, што е дефакто доказ колку е важен спортот во Гостивар за властите. И сето ова во услови кога од година во година буџетот на градот се зголемува, така да за 2022 година достигне износ од 18.634.000 евра, со ставка спорт 65.000 евра. Но, не е тоа суштината на соопштението.

Сакаме јавно да ги запрашаме одговорните, Градоначалникот кој располага со општинската каса и советниците од сите партии кои не си ги почитуваат сопствените одлуки: Со што Кошаркарскиот клуб Гостивар заслужува ваков третман, кога 5 години по ред никогаш во целост не се испочитувани одлуките на Совет за доделување средства на КК Гостивар? Дали некому му пречи успехот на клубот, или пак пречи тоа што на ниедно друго место не може да се сретнат 500, 1000 па и 2000 задоволни и среќни луѓе како на натпревар на КК Гостивар? Дали пречи радоста на победите кои ги носи КК Гостивар на овие луѓе, па свесно некој сака да им ја одземе? Или пак некоја трета причина, со која намерно сака да се наштети на клубот? Никогаш не сме побарале дополнителни средства надвор од изгласаните, туку оние кои преку своите претставници во Советот кои ги избрале, ни ги одобриле граѓаните на Гостивар. Револтот е најголем поради тоа што за разлика од останатите клубови кои изгласаните пари си ги добиваат во целост, единствено кога треба да се исплатат средствата наменети за КК Гостивар се измислуваат разни изговори и не се почитуваат одлуките донесени од Советот. Да се разбереме, станува збор за нецели 10% од вкупниот годишен буџет на клубот, пари кои се смешни за општинскиот буџет, а значајни за развојот на кошарката. За крај, го повикуваме градоначалникот да ја испочитува одлуката на Советот за 2021 година и да ги исплати доделните средства за КК Гостивар во целост и како татко на градот да го преиспита во иднина својот однос кон спортот во градот воопшто и посебно кон КК Гостивар. Изгласаните средства кои ни се доделени на седницата на 28.01.2021 прецизно проектирани во буџетот за 2021 година и се прекупотребни. А поради дилетантниот однос, непочитувањето на одлуките и несносењето одговорност за постапките, директно се загрозува и судбината на клубот, се наведува во соопштението на Управниот Одбор Кошаркарски клуб Гостивар А.Д Гостивар.