Клуге: РС Македонија се запиша во КОВАКС механизмот, но глобално има недостиг од вакцини

Сподели

 

Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге во интервју за Телма телевизија, говореше за подготвеноста на нашата земја за процесот на имунизација против Ковид 19. Клуге ја нагласи соработката со министерот за здравство д-р Венко Филипче, како и посветеноста на Владата не само да се набават вакцини туку и да се подготви целиот здравствен систем за спроведување на процесот на вакцинација.
 
-Глобално има недостиг од вакцини. Вистина е дека Северна Македонија се запиша во КОВАКС механизмот, што е одлично, но сѐ зависи прво од достапноста на вакцините, значи од производство на вакцини и второ договорот кој треба да се потпише со УНИЦЕФ. Владата на Република Северна Македонија стори сѐ што требаше, не само за вакцините, туку и за подготвеноста на здравствениот систем, да обезбеди соодветна обука и опрема. И нарачката за Северна Република Македонија веќе е направена, затоа сега се работи за неколку недели. Во контакт сум со седиштето на УНИЦЕФ како и со регионалната канцеларија да се стори се што е возможно да се забрза процесот – вели Клуге во интервју за Телма.
 
Регионалниот дирекотр на СЗО за Европа објасни дека, нашата земја освен што ги нарача вакцините преку КОВАКС механизмот, исто така ги заврши и сите финансиски и административни процедури.  
 
-Да нарачката е направена, комплетирани се финансиски и административни процедури. Во постојан контакт сум со министерот за здравство д-р Венко Филипче. Пред точно една година бев во Скопје и оттогаш работиме заеднички. Системот е подготвен, од страна на државата е направено се што треба, но она што треба да го знаеме е да се има уште малку трпение, да се почитуваат мерките за јавното здравје – рече Клуге.
 
Клуге во интервјуто истакна дека цел свет се соочува со недостаток на вакцини и дека производителите мора да го зголемат производството, а дека солидароста на земјите е единственото оружје против вирусот.
 

-Солидарноста засега е единственото оружје против вирусот. Непријателот е вирусот. Посветени сме на солидарноста. Секоја држава се бори, тоа е точно дека имаме проблем и затоа е многу важно да се зголеми капацитетот на производство, бидејќи цел свет се соочува со овој недостаток – истакна Клуге.