Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска одржа средба со лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“, на која главна тема биле резултатите од предвремените парламентарни избори.
– Главна тема е анализата на изборните резултати, односно сите претставници на политичките партии ги предочија своите видувања околу ангажманите и резултатите и за сето она што се случи во Република Македонија на денот на изборите. Беа давани различни идеи како од тука натаму коалицијата да постапува, при што беше потврден целокупниот легитимитет и целокупната поддршка која што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сега како мандатар ја има од коалицијата „За подобра Македонија“, изјави Илија Димовски, член на Извршниот комитет на партијата и пратеник.
Во врска со заедничката платформа на албанските партии и најавените преговори со ДУИ, Димовски истакна насоките за преговори се составен дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
– Доколку ме прашувате во врска со позициите на ДУИ, би сакал да кажам дека ние ги соопштивме нашите ставови преку интервјуто на претседателот Никола Груевски. На денешната средба видливо беше негодувањето, посебно од страна на претставниците на политичките партии кои ги претставуваат помалите етнички заедници во врска со таа платформа и евентуално сведување на целата дискусија на некаков си бинационален дијалог помеѓу етничките заедници, рече Димовски.
Тој сепак не прецизираше кога ќе почнат преговорите со ДУИ за формирање Влада.
– Роковите се јасни, така што мислам дека нема ништо спорно околу тоа, рече Димовски, притоа упатувајќи на информации од партиските прес-служби.