Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим имаат уште околу шест месеци (значи до 4 јуни, односно 30 јуни!) за отворање истраги и за поднесување обвиненија за случаите што се поврзани и кои произлегуваат од „бомбите“ на СДСМ, односно од незаконското следење на комуникациите. Ова произлегува од актуелниот Закон за СЈО, во кој е определено дека СЈО има 18 месеци „од преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. Имено, СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на два пати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година.
Дали ќе му биде продолжен мандатот на СЈО? Што ќе се случува со СЈО ако Груевски и Ахмети повторно формираат влада? Ќе значи ли тоа крај за СЈО? Тактизираат ли ВМРО-ДПМНЕ со рокот на СЈО за да се спасат нејзините функционери од понатамошни истраги против нив? Ова се дел од прашањата што произлегоа од постизборното лимбо, како последица на тесните резултати од изборите на 11 декември, а кои деновиве добија интензитет.
Продолжувањето на мандатот на СЈО е една од црвените линии кои ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си ги поставија во пресрет на преговорите за новата влада, за чие формирање мандатот го доби лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Ставовите, односно црвените линии за СЈО на двете партии се дијаметрално спротивни и ја носат назнаката „за тоа не преговараме“.
ДУИ:
„Продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство за расветлување на сите сомнежи што произлегуваат од скандалот со прислушувањето, е цел која не може да биде предмет на преговарање“.
ВМРО-ДПМНЕ:
„Независно на исходот околу составувањето влада во следниот период, дали таа ќе се формира и кој ќе ја формира, ВМРО-ДПМНЕ нема да преговара и нема да дозволи продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство“.
Од СЈО за „Мета“ неделава изјавија дека нема да ги коментираат „политичките“ изјави на Груевски и дека од новиот собраниски состав очекуваат „продолжување на мандатот и изгласување на законот за заштитени сведоци“.
На иста линија со ДУИ се и другите две партии од албанскиот блок, Движењето Беса и Алијанса за Албанците.
Реакција по ова прашање засега нема од СДСМ, кој периодов е невообичаено молчелив во однос на прашањата за состав на новата влада, можните коалиции и за СЈО. Од СДСМ во текот на предизборната кампања и по изборите беа категорични дека „по победата на изборите“, веднаш ќе биде продолжен мандатот на СЈО, а ќе бидат формирани и специјални судски одделенија за процесирање на предметите на Специјалното јавно обвинителство.
Во јавноста деновиве, но и претходно, има толкувања дека мандатот, односно рокот за истраги и за поднесување обвиненија, на СЈО му истекува за неполни два месеци, во март.
Еве што за тоа вели членот 22 од актуелниот Закон за СЈО:
„Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство, може да поднесе обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност“.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство на 4 декември 2015 година, на СЈО му предадоа 31 предмет од незаконското прислушување, а Јанева и нејзиниот тим добија и случаи од обвинителствата во Битола и во Куманово.
На 15 декември 2015 година, специјалната јавна обвинителка соопшти дека СЈО е надлежно и ќе работи по 34 предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“. На 30 декември 2015 година, пак, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на СЈО му ги предаде сите материјали, снимки и транскрипти од „бомбите“.
Според ова, Јанева до почетокот, односно до крајот на јуни годинава има рок за истраги и за поднесување обвиненија. Во досегашниот период од една година, СЈО отвори девет истражни постапки и поднесе две обвиненија против стотина лица.
СЈО во овој период се соочи и со низа опструкции од другите државни институции, особено од Кривичниот суд во Скопје и од Јавното обвинителство.
Според ставот 3 од членот 1, Законот за СЈО ќе биде на сила пет години од усвојувањето од страна на Собранието и може да се продолжува еднаш годишно, со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.