Македонија Став

Кога здравствениот картон ќе му пресуди на мандатот

Сподели:

0,,19329243_303,00

Оставката на министерот Ставрески го отвора прашањето: кога еден функционер треба да се повлече од функцијата, пред за тоа да одлучи стресот, а под негово влијание можеби и одредени политички грешки?

Ги гледаме секој ден, но поретко ги забележуваме промените што времето ги остава на нивниотнадворешен изглед. Ако ги споредиме фотографиите од денот кога стапиле на функции, разликите кај македонските политичари се евидентни: побелени коси, подочници, брчки, нервоза, изморен изглед, сувопарен говор – сеопшта слика на „замор на материјалот“.Оставката од здравствени причини на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, силно го акцентира прашањето за нелимитираната долговечност на функциите, која може да стане контрапродуктивна и за потребите на земјата и за нејзиниот носител. Кога здравствениот картон ќе му пресуди на мандатот, се поставува прашањето: кој е моментот кога еден функционер треба да донесе одлука да се повлече од функцијата, пред за тоа да одлучи стресот, а под негово влијание можеби и одредени политички грешки?

Во македонската политичка практика не функционира чувството за одредување на вистинската мерка. Децениските мандати на една функција или ротирање на повеќе, станаа „нормална“ појава. Паѓањето на мотивацијата со текот на годините, растечкиот замор, како и притисоците и стресовите што следуваат „во пакет“ со функцијата, не се калкулираат при составувањето на новите владини кабинети. Од тој аспект, Македонија денес има прилично изморена и истрошена влада, вклучувајќи ги и пониските ешалони во извршната власт.

Ставрески се спаси…“

„Сите сме изложени на oдредено количество стрес, но кога тој ќе ги премине ‘одредени граници’, човек едноставно може да ‘пукне’“, коментираа вчера во матичната партија на Ставрески. Веста за неговото повлекување најчесто беше проследена со оценките – „сега барем ќе се одмори“ или „конечно, се спаси“. На прашањето „зошто не се спасил или одморил порано“, со воздржаност одговараат дека тоа и не е толку едноставно: „Полесно е да се фатиш во орото, отколку да излезеш од него. Треба да ти дозволат“. Иако е евидентно дека стравуваат подетално да ги објаснат овие изјави, станува извесно дека оставката не е само право на личен избор, што веројатно дополнително го зголемува стресот.

За Ставрески, кој беше чувар на државната каса, јавноста низ т.н. „бомби“ веќе слушна кои биле неговите главоболки 24/7: од непродуктивното „трошење за чоколада во време кога немаме ни за леб“, преку проблемите како да се скрои буџетот, да се запре растечкото задолжување… Истите теми ќе го чекаа и утре: ребаланс на буџетот, притисок да се издаде нова еврообврзница за ново задолжување во странство, притисок за исплата на разни ветени социјални расходи во време кога касата е се попразна, а наспроти тоа – расфрлање со пари за фитнес зони и други „проекти“ во функција на пропагандна и клиентелистичка мамка. Неговите проблеми ги делат и раководители на други ресори. Разликата е во тоа што секој различно се справува со притисокот, различно го менаџира стресот, но пред сѐ, различно ја разбира и одговорноста што произлегува од функцијата.

Децениските мандати на една функција или ротирање на повеќе, станаа „нормална“ појава

И политичарите „прегоруваат“

Психијатрите даваат различни оценки за причините поради кои „политката ги јаде своите деца“. Некои сметаат дека се работи за „менаџерска болест“, други за синдромот „burn out“, кога станува збор за буквално „прегорување“ на работникот или функционерот, под влијание на високо мотивираниот раководител, неговите очекувања и темпото што го наметнува во работниот процес.

„Кај нас нема многу случаи на овој синдром, но верувам дека и нашата средина не е имуна. Тоа е појава при која што притисокот и мотивираноста за постигнување успех веќе не кореспондира со општата психофизичка поготвеност на засегнатиот и доаѓа до состојба на ‘прегорување’. Таа e особено присутна кај менаџери на големи корпорации, кои секојдневно се оптоварени со носење на сериозни одлуки и креирање на судбини на огромен број луѓе. Под притисок на интересите на компанијата доаѓа до состојба на амбиваленција кога се носат решенија спротивни на интимното чувство за исправност, што почнува да ја оптоварува личноста. Сето тоа, во комбинација со долгогодишно работење повеќе часови од предвидените, може да биде доволен тригер фактор личноста да западне во burn out синдромот“, вели психијатар, кој ваквиот синдром го препознава кај дел од активните политичари.

Здравствената состојба на политичарите пред стапување или за време на функцијата, сѐ уште е табу-тема

Доволен е еден мандат

Кој е моментот кога функционерот треба да каже „стоп“, односно колкав е периодот во кој може да биде ефикасен, да не заседне неограничено на функцијата и да не стане жртва на зголемени притисоци и стресови?

„Се смета дека е доволен еден мандат од 4 години на која било функција, бидејќи тоа е пероиодот на ефикасност кога имаат доволна психофизичка кондиција за доменот во кој работат“, вели невропсихијатарот проф. д-р Предраг Кировски.

Политичките функции во Македонија се доживуваат како привилегија, бидејќи постои припадност кон група/партија од која се очекува некаква корист, но во зависност од природата на владеењето носи и големи ризици.

„Нашата ситуација, која се карактеризира со омнипотентни лидери, им налага на политичарите да ги активираат механизамите за адаптација кон лидерот, а не кон политичката креација. Политичари кои имаат достоинство за функцијата што ја вршат, се во конфликтна состојба со себе и најчесто фрустрирани, бидејќи прават отстапки на штета на нивниот професионален идентитет, со што се зголемува интензитетот на стресот, кој добива хронични својства. Личноста може да ‘пукне’ кога ќе почувствува расчекор меѓу потенцијалните очекувања и реализацијата/ вистината. Тоа е моментот кога попуштаат механизмите на личноста“, објаснува д-р Кировски.

Притоа најчесто страда кардио-васкуларниот систем и абдоминалните органи, а таквите психосоматски тегоби се проследени со дисфункционалност во креативните активности, исхраната и спиењето.

„Кај нас почесто се бара одговорност од политичарите, а не се бара да се оцени нивната способност за носење валидни одлуки, која ги обрзува и да ги предвидат последиците од тие одлуки“, посочува д-р Кировски.

Психосоматски товар

Македонската политичка практика познава помалку примери кога на функции стапиле лица со претходно богато работно искуство, а многу повеќе кога министри, па и премиери станале лица на кои тоа им било прво вработување. Од структурата на личноста зависи како потоа тие ќе се носат со товарот на обврските. Говорот најдиректно ги навестува нивните реални капацитети. Експертите воочуваат дека политичкиот говор засега се потпира на три-четири најмногу експлоатирани фрази, („во функција на демократијата“, „според Уставот и законите“, „одлуки за народот“ ), чија семантика голем дел од граѓаните и не ја разбираат. Што открива оваа појава?

„Целата говорна продукција изобилува со многу стереотипи. Кај вистинските политичари разумот ги ослободува емоциите и сензибилитетот. Кај нас е обратно. Се пласира еднолична содржина без поттик и мотивација, која рефлектира одредена инхибираност и испразнетост. Таа говорна продукција го одразува психосоматскиот товар што го носат“, објаснува д-р Кировски.

Здравствената состојба на политичарите пред стапување или за време на функцијата, сѐ уште е табу-тема. Без одговор се дебатите колку ова прашање од јавен интерес задира во приватноста на политичарите, и дали и во која мера треба да биде ставено на јавен увид. Тамата се одлага, но сѐ до првиот аларм на амбулатната кола и до моментот кога здравствениот картон ќе му пресуди на мандатот. Потоа, пак по старо.

 извор: DW.COM
Сподели: