По снимањето на филмот „Нијагара“, Мерилин Монро стана многу славна. Нејзе и бил идол Ајнштајн заради генијалноста. На еден прием, Монро на шега му вели на Ајнштајн: „Зар немаше да биде фантастично кога ние двајцата да имавме дете, кое ќе ја имаше мојата убавина, а вашиот ум?“ Ајнштајн низ смеа и возвратил: „Да секако, но што ако се случи спротивното“?!
Што повеќе се наближува денот на референдумот, не се бираат средства за напаѓање и дискредитација, иако е докажано дека луѓето веќе не купуваат скапана стока. Тие добро знаат дека ако пак се отиде по умот на тие што сѐ живо силувале во име на патриитизмот, лесно може да испадне детенцето да биде и грдо и со мала памет. Или воопшто да го снема. Знаат дека соништата им беа срушени токму од тие за кои најмногу сонувааа. Играта е јасна – власт по секоја цена, заедно со перење мозоци, пари и гревови. Ова последното, оти најмногу Договорот го напаѓаат тие со бугарски пасоши, ама овдешните луѓе немаат празни глави за да истите ги пополнат тие што својот идентитет го конвертирале за туѓи пари. Но, и бројни (не)оригинални вмровци имаат вградено чип во главата – „Ако немам власт, не ми треба ни држава“.
Референдумот добро ќе помине
Сѐ поизвесно е дека референдумот добро ќе помине, но благодарејќи им ним, што на државата и направија големо зло. Оти бројни луѓе ќе гласаат ЗА, само затоа што тие го напаѓаат референдумот. Видоа дека од нив има само лажно величење е вистинско понижување. Со години градеа високи замоци рушејќи ги нашите животи. Затоа сега на јуришниците ќе им се случи кошмар. Низ целиот свет, интелектуалци, аналитичари, дипломати, политичари, државници и многу други добронамерни, велат дека Договорот со Грција е добар, само експонентите на поранешното водство велат дека е капитулантски и предавнички. Само подземјето нема да го поддржи оти сака пазар за многу работи кои се излезени над земјата. Долги години умот им бил во џепот, а моралот во сефот. По смената на власта ВМРО ја пропуша шансата да се промовира во вистинска демократска и проевропска партија. Напротив, таа продолжи со сатанизирања и поделби помеѓу луѓето, а тоа е само една грда завеса зад која врие пеколот што самите го создадоа. Страдаа милиони души поради мала група бездушници кои со години остваруваа лудило во сто чекори. Лудило што ја компонирала песната „Заплакала Македонија за Путин“, а башка рефренот „НАТО – терористичка организација“, песни поради кои треба масовно да се плаче. И сега велат дека и тие биле за НАТО ама Договорот не им чинел! Ќе направеле подобар ако опстане државата! А имаат доста од тој контаминиран отпад што цели 11 години го фрлаа врз соседите и врз сите нас.
Поради немање основна визија, опозиционата партија сега е поделена на три дела. Првиот дел со години е едуциран и инфициран антизападно и проруско. Ним Договорот со Грција им служи само како оправдување за проруската ориентација. А да ја дадеш Македонија на чување кај Русија, е исто како да си ја дал кокошката на чување кај лисицата. Оваа група е за бојкот, оти мисли дека така ќе ја рушат власта, за да се врати и да продолжи со грабежот таму кај што застанаа. Секако со благослов на Москва. Од гласањето посакуваат победа, која ќе наликува на историски пораз за целата држава. Не се свесни (или се), дека со тоа ризикуваат поголема внатрешна и регионална дестабилизација, а Македонија не може да преживее уште еден тежок инфаркт. А ако тоа не го знае и бившот министер за надворешни работи, тогаш тоа веќе не е работа на политичка анализа туку на медицината. Така е, штом бара пари за да купи муниција за да ја стрела државата. Едни тоа добро го знаат ама веројатво сметат дека таквата безбедносна опасност има помала вредност од рубљата! Нив воопшто и не ги интересира државата туку кешот, а парата за секого е добар слуга ама лош господар. Другиот дел од вмровските поддржувачи се прозападно ориентирани, и тие тоа јавно го кажуваат. Тие со право веруваат дека само вака за државата се обезбедува опстанок, но и развојни перспективи. Голем дел од нив ќе излезат на гласање. Тие реално немаат многушто заедничко со првата група и прашање на време е кога ќе се судрат. Мицкоски треба сериозно да размисли за ваква „статистичка грешка“ која има шанси лидерството да му го претвори во генетичка грешка. Тој ќе мора да го жртвува сидрото за да го спаси бродот, ако воопшто има намера да се спаси од тие кои биле прогласени за богови, а не биле ниту луѓе. Третиот дел е за излегување на гласање како партиско калкулирање, дека, ем нема да бидеме скарани со целиот свет, ем можеме и да победиме!
Заев прави сè за да ја доведе државата на вистински пат, за да го врати оптимизмот кај луѓето, но и колективната гордост. Тој добро знае дека без силни механизми на безбедност државата може да исчезне. Во најмала рака, без НАТО нема развој, а без тоа не може да има луѓе, а за идентитетот ќе се зборува по приказните. Па затоа звездите најмногу сјаат во најголемата темнина.
Силна странска подршка
Меѓународната заедница силно ќе поддржи за референдумот да успее. Телефонскиот разговор што Заев го имаше со Меркел е потврда дека од највисоко ниво од ЕУ и САД ќе дојдат да ни кажат дека не е добро да скокнеме во кањон. Ни ставаат до знаење дека избираме нешто меѓу животот и смртта. Тоа го кажа и Комесарот Јоханес Хан и американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Секој што има основно познавања по геополитиката, знае дека Русија доста вложува во дестабилизација на регионот (и Македонија). Се финансираат сомнителни структури кои оперативно дејствуваат сеејќи апокалиптички страв. Обично за такви ги наоѓаат или тие кои се многу алчни за пари или тие со потпросечен менталитет, кои брзо потпаѓаат под влијание. Со дестабилизација на Македонија, по автоматизам се пали целиот регион. Тоа од следниве причини: Прво, после една балканска катастрофа Русија би се факторизирала во процесот на повторното стабилизирање на регионот, со што ќе го добие својот дел од колачот. Второ, со прекројувањето на границите на Балканот, по автоматизам Русија би ја легализирала анексираната Кримеја, а тоа силно би се рефлектирало и во статусот на прорусклите области во Украина (особено во Доњецк и Луганско). По логиката на домино ефект тоа би се одразил и на областите Придњестра (Молдавија), Јужна Осетија и Абхазија (во Грузија). Трето, Русија последниве години има сериозни внатрешни проблеми со некои свои федерални единки – Чеченија, Дагестан, Башкир, Татарстан, Башкортостан, Бурјатија, Саха, па дури и Сибир. Со демонстрирање сила надвор, таа видно може да ги амортизира тие сепаратискички стремежи. Од друга страна, во постојната геополитичка руска карта, нема место за Македонија. Таа привремено може да послужи како регионална монета за поткусурување, но за кратко ќе исчезне од географската карта, оти витален руски интерес е директното поврзување на Србија со Грција. Руски рулет за рубљи играат и едни Албанци, кои фабрикуваат аргументи во полза на бојкотот на референдумот, но нивната улога е маргинална.
Власта треба повеќе да го стегне ременот, а толеранцијата треба да се сведе на нулта точка. Оти во политиката вреди правило – додека ги научите сите одговори, политиката ги има сменето сите прашања. А ние сите треба да се залагаме за да не испаднеме ем грди ем со малa памет.