Колумбија: Киднапиран службеник на ОН

Сподели

Во Колумбија е киднапиран службеник во канцеларијата за дрога и криминал при ОН од страна на опозициското крило на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), јавува Anadolu Agency (AA).

Високиот комесаријат за постконфликтниот период во Колумбија соопшти дека во руралниот дел на градот Мирафлорес, кој се наоѓа во подрачјето на Гуавиаре, бил киднапиран Хердледи Лопез Хернандез, службеник на ОН.

Во соопштението се наведува дека Хернандез е киднапиран во подрачјето каде што во рамките на програмата за борба против одгледувањето растенија од кои се произведуваат наркотици, требало да се сретне со населението од локалните села, и се бара негово ослободување.

Министерот за човекови права и безбедност во постконфликтниот период, Рафаел Пардо, за претставниците на медиумите изјави дека службеникот на ОН е киднапиран од страна на опозициското крило на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).

Мисијата на ОН во Колумбија соопшти дека за ослободување на Херледи Лопез Хернандез започнале заедничка соработка со владата, и ги осудија извршителите.

Од друга страна, во колумбискиот печат се појавија вести во кои се наведува дека службеникот на ОН е киднапиран од страна на Првиот фронт на ФАРК.

– Претседателот на Колумбија, Сантос, ја прими делегацијата на СБОН

Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос ја прими делегацијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), која е во посета на земјата во знак на поддршка на мировниот процес.

Во претседателската палата во главниот град Богота, претседателот Сантос, министерката за надворешни работи, Марија Ангела Холгуин, министерот за внатрешни работи, Хуан Фернандо Кристо и останатите министри одржаа средба со делегацијата на СБОН, затворена за јавноста.

По средбата, изјави за медиумите дадоа колумбискиот претседател Сантос, Елбио Росели, постојан претставник на Уругвај во ОН и периодичен претседател со СБОН, кој ја презеде должноста во мај, и Метју Рајкрофт, постојан претставник на Англија во ОН.

Претседателот Сантос, повикувајќи се на прогласениот прекин на огнот меѓу власта и Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), изјави дека во земјата од тој датум досега нема загинат ниту војник, ниту цивил, ниту пак некој бил киднапиран.

Сантос истакна дека прекинот на огнот е воспоставен благодарение на придонесот што го дале Обединетите нации и додаде: „Ние, како влада и Колумбијци, оваа посета ја оценуваме како поддршка на нашиот мировен процес од страна на светот и на Советот за безбедност на ОН“.

– Испратена делегација за киднапираниот службеник на ОН

Одделно, претседателот Сантос соопшти дека во подрачјето на Гуавиаре е испратена делегација со барање за ослободување на службеникот на канцеларијата за дрога и криминал при ОН, Хернандез, кој е киднапиран од страна на опозициското крило на ФАРК.