Комитетот на УНЕСКО го продолжи рокот за имплементација на корективните мерки за Охридскиот Регион

Сподели

„Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната 47. сесија што се одржува во Париз донесе одлука со која на Република Македонија и на Република Албанија им се даде дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Оваа одлука е резултат на заедничките заложби на Владата на Република Македонија и на Владата на Република Албанија кои беа препознаени од членките на Комитетот и другите надлежни инстанци“, рече Љутков.

Тој додаде дека одлуката на Комитетот е за нас поттик и мотивација, најсериозно да продолжиме со конкретни мерки што ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките од реактивните мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација.

 „Ние не смееме да дозволиме однос кон светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион како во минатото. За потсетување,  во последните седум години не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО – наместо заштита, бевме сведоци на непостапување по експертските извештаи и системско разнебитување. Граѓаните имаат право да знаат дека токму претходната власт го доведе Охрид на работ на губење на својот статус“, истакна министерот Љутков. 

Голема благодарност до целиот тим од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и до членовите на делегацијата од Министерството за култура и туризам за успешната дипломатска мисија.