Подготовките за најголемата конференција за е-трговија во Македонија, која годинава ќе се одржи на 11 ноември под мотото „E-commerce: Accelerate“, се во полн ек.
И годинава, конференцијата за е-трговија ќе биде место каде што сите присутни ќе можат да ги прошират своите знаења во областа на е-трговијата, како и да се запознаат со домашните и странски експерти од областа на е-трговијата, дигитализацијата, е-плаќањата и дигиталниот маркетинг.
Во, досега најбогатата програма, конференцијата ќе биде домаќин на преку 25 домашни и странски експерти од 10 различни држави во светот, кои ќе го пренесат своето искуство и знаење преку клучни говори, панел дискусии и неформални разговори, на различни теми поврзани со можностите за забрзување, како клучен дел од претприемачкиот екосистем за постигнување на раст и развој на бизнисите.
Директно од големиот светски гигант Гугл („Google“), на конференцијата ќе говори Менаџерот за развој на бизнисот, Амин Сиала, а своето искуство пред присутните ќе го претстави и Никола Механџиќ од Пејонир („Payoneer”) кој работи како Раководител за Србија и централна и источна Европа.
Листата на еминентни говорници на конференцијата е збогатена и со претставник од еден од гигантите во социјалните медиуми, Петар Јевтиќ, кој како Регионален партнер за клиенти во поранешниот Фејсбук, а сегашен Мета („Meta“) oд Httpool на публиката ќе и ги разбие митовите кога станува збор за рекламирање на Мета платформите (Инстаграм, Фејсбук), главно од перформанс маркетинг гледна точка.
Освен ова, во сеопфатната програма на конференцијата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2022 година, ќе се зборува и за можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, за правилно користење на дигиталниот маркетинг, нови технологии и автоматизација на процеси, за промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, а ќе бидат споделени и искуства од бизнисите од успешните е-трговци во регионот – Alma Raz од Босна и Херцеговина, Militaryshop и Ananas од Србија, FitKit и Paket.мк од С.Македонија и многу други.
Инаку, конференцијата годинава за првпат добива регионален карактер и на истата се очекува да присуствуваат повеќе од 400 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија и Хрватска што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето петто јубилејно издание.
Повеќе информации за агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата, вклучувајќи ги и картите кои се пуштени во продажба, се достапни на официјалната веб страница на конференцијата: https://ecommerceconference.mk/