Конференција за насилството врз жените и девојчињата

Сподели

 

Во Собранието денеска се одржа Конференција на тема: „Превенција и заштита од насилство врз жените и девојчињата. Регулатива, имплементација и реалност“.

Конференцијата беше во организација на Македонското женско лоби, во соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички на Собранието, а во рамките на Меѓународните денови за борба против насилство врз жените и домашно насилство. Целта е да се овозможат сознанија, насоки на делување, како и заклучоци и препораки за надлежните институции и за клучните актери кои секојдневно се соочуваат со овие прашања.

 

 

Модераторка на настанот беше Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка. Таа изрази чест што по подолго време на едно место се собрани голем број жени кои дале свој придонес за еднаквост на мажите и жените и истакна дека треба да им се даде признание за сите вложени напори на ова поле, многу борба и рушење стереотипи, уште од самите почетоци во 1994 година, преку 2004 година кога првпат со закон се регулира семејното насилство, 2017 година кога се ратификува Истанбулската конвенција како најважен правен пропис, па сè до денеска. Исто така, како важен настан го одвои воспоставувањето пракса за одржување пленарна седница посветена на жените на 8 март. Оваа Конференција е важна, рече Иванова, затоа што е во пресрет на првиот извештај од групата експерти за состојбата на државата по ова прашање, и истата треба да резултира со заклучоци.

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, го окарактеризира проблемот со насилството врз жените и девојчињата, како системски, па како таков мора и системски да се решава со заедничко учество на сите релевантни органи, непартиски, човечки, хумано, преку едукација или доедукација, а првиот чекор е превенцијата. Да се започне од дома, во училиштата, на поинаков начин да се решаваат меѓучовечките односи, во смисла на почитување на личноста. Нормата е едно, а реалноста друго, рече таа, затоа што и покрај донесувањето на многу важните закони за заштита од дискриминација, заштита од насилство и измените во Кривичниот законит, сепак, за жал, насилството врз жените и девојчињата продолжува. Работата со жртвите е неверојатно важна, но и со насилниците за нивна ресоцијализација. Сиљановска-Давкова упати апел надлежните институции да го детектираат фемицидот како посебно кривично дело и повика на поголема застапеност на жените на високите функции.

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, истакна дека ова е прашање на кое сите жени натпартиски треба да работат заедно. Парламентот, институциите, граѓанските организации заеднички да се борат за промовирање на превенцијата. Исто така, вклучувањето на локалната смоуправа е исклучително важно. Заложбата на Министерството за труд и социјална политика е унапредување на човековите права, еднаквоста, борбата против секаков вид насилство, поголема функционалност на центрите за социјална работа, вклучување на стручни тимови во континуирани обуки.

Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова, истакна дека денешната тема е предизвик за цивилизираните вредности, тема која е итна, која бара да се биде на висина на задачата. Таа напомена дека центрите за социјална работа мора да бидат логистички и финансиски обезбедени, да се вложува во осовременување на наставните содржини, да се елиминираат родовите стереотипи, да се криминализира психичкото насилство. Исто така, се осврна на насилството над жените во политиката, што е особено нагласено во говорот на омраза, посебно на социјалните мрежи, и во таа насока побара законска регулација на интернет просторот. „Секоја наша заедничка акција ќе води кон светлост на крајот на тунелот, за сите оние што преживеале насилство“ – заврши Ристова.

Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби, потсети на нивните заслуги од самото зачленување во Европското женско лоби во 2006 година. Таа апелираше борбата против насилството врз жените и девојчињата да продолжи и да се одвива постојано. Тоа е работа која бара континуитет, заедничка работа, солидарност, помош, сè со цел изнаоѓање решение за мир на жените и поддршка во потрагата по лична среќа.

Воведните обраќања ги заокружи Лилјана Поповска, членка на Извршниот одбор на Европското женско лоби и поранешна пратеничка, која истакна дека без надминување на потчинетата улога на жените, не е можен напредок и еднакви права. Порача да се гради доверба и сојузништво во оваа борба, зашто само така и во минатото како пратенички, токму со заедништво и меѓусебно почитување, надминувале деликатни проблеми, и со гордост може да ја потенцира актуелната одлична бројка од 42,3 % жени во Парламентот. Таа информира дека Европското женско лоби во моментот се фокусира на две борби, од кои едната моментално неуспешна – недонесувањето на директивата за борба против насилството врз жените и девојчињата, а другата успешна – донесување Резолуција со која не може да се смета за право наплаќањето на сексуалните услуги.

Во понатамошниот дел на Конференција презентации извршија: Елена Грозданова од Опсерваторијата против насилство врз жените, Европско женско лоби, за европските практики во борбата против насилство врз жените и девојчињата; Жаклина Просароска, виша полициска советничка од Министерството за внатрешни работи, за улогата на полицијата во справувањето со насилството врз жените и девојчињата; Оља Ристова, судика од Основниот кривичен суд Скопје, за подготвеноста на судскиот систем за борба со насилство врз жените и девојчињата; Савка Тодоровска, координаторка на Националната бесплатна мобилна СОС линија за жртви на семејно насилство при НСРР, за искуството со згрижување на жртвите од насилство; Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, за преглед на состојбите со насилство врз жените и девојчињата по ратификацијата на Истанбулската конвенција.

Потоа следеше дискусија, каде учествуваа голем број на присутни, кои сп своите мислења и идеи ќе придонесат кон донесувањето на завршните заклучоци, препораки и следни активности.