Во рамките на проектот „Ремиксувај ја својата културна стварност“ отворен е конкурс на кој заинтересираните можат да учествуваат со нивен редизајн на постери на македонски филмови и корици на музички албуми и литературни дела.
Конкурсот го организира Асоцијацијата за културна соработка и истражување – Аксиома. За најдобрите редизајни предвидени се награди: Прва награда 12.000 денари, втора награда 9.000 денари, трета награда 6.000 денари и пет почесни награди. Сите осум добитници ќе добијат по две книги од издаваштвото на Аксиома.
Што треба да направите?
- Изберете еден постер на македонски филм, корица на музички албум или корица на литературно дело
- Употребете ја вашата креативност и редизајнирате го избраниот дизајн
- Можете да користите визуелни медиуми по ваш избор: фотографија, колаж, графички дизајн, цртеж, дигитален цртеж, скултура…
- Финалниот редизајн форматирајте го во дигитална форма преку скенирање или фотографија во pdf формат
- Апликацијата пратете ја на aksiomango@gmail.com со наслов (subject): „За конкурсот РЕМИКСУВАЈ ЈА СВОЈАТА КУЛТУРНА СТВАРНОСТ“, во телото на пораката напишете ги вашите лични информации (име, презиме, контакт е-маил адреса, и телефон) и кратка биографија за вас (не повеќе од половина страна)
Конкурсот трае до 5 ноември, на полноќ, а најдобрите редизајни ќе ги избере Комисија составена од 5 члена – историчари на уметност, куратори и професори. Проектот „Ремиксувај ја својата културна стварност“ ќе биде финализиран на 15 ноември, во Кино Култура. На манифестацијата јавно ќе бидат прогласени победниците на конкурсот и ќе биде одржана јавна дебата на тема „Новите медиуми и авторските права помеѓу криминализацијата и културната виталност“.
„Нашата идеја е дека, со текот на времето, уметничките дела и културните производи се здобиваат со нови значења и, со тоа, стануваат подложни на нови модуси на исчитување. На тој начин, тие влегуваат во амбиент во кој им е потребна креативна реконтекстуелизација. Во историјата на современата уметност бројни се примерите кога дела од културното наследство се пренаменуваат во нови контексти, со што, не само што во нив се наоѓаат значења кои претходно биле скриени или отсутни, туку и се нагласува нивната трајна релевантност и квалитет“, велат од Аксиома.
„Ремикс културата е веројатно најрепрезентативниот дискурс кој виталноста на културата ја лоцира во можностите културните производи од минатото слободно да се пренаменуваат, преисчитуваат, реконтекстуализираат. Наоѓајќи дека македонската култура веројатно отсекогаш била вовлечена во постојан микс и пренамена на повеќе култури и влијанија, сметаме дека нашите културни производи треба да си го најдат своето место во веројатно најинклузивниот и најинтегративниот културен дискурс на денешницата – ремиксот“, додаваат.
Проектот „Ремиксувај ја својата културна стварност“ е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.