Денеска почнуваат локалните избори во Косово

Сподели

Денеска на Косово се одржуваат седмите по ред локални избори на кои право на глас имаат 1.890.952 гласачи. Ќе се гласа на 2.505 изби0рачки места, кои ќе бидат отворени во седум а затворени во 19 часот. Во трката за 38 градоначалнички места се 204 кандидати додека за членови на Собранијата на општините 6.887 кандидати.

На изборите учествуваат 91 политички субјекти, од нив, една коалиција, 35 политички партии, 30 граѓански иницијативи и 25 независни кандидати.

– Како и претходните избори, и овие ќе ги набљудуваат домашни и меѓународни набљудувачи, вклучувајќи ги и оние на ЕУ, како и странски дипломатски претставништва. Централната изборна комисија акредитираше 33.200 набљудувачи. Секако тука и претставниците на политичките партии -потврди Валмир Елези, портпарол на Централната изборна комисија.

Во обезбедувањето на изборниот процес,од безбедносен аспект ангажирана е косовската полиција.

– Создавањето мирна и безбедна клима за сите граѓани на Косово, како и одржувањето на редот, мирот и јавната безбедност, во прв ред, за време и по изборниот процес, е приоритет на полицијата на Косово -изјави Шпенд Маџуни, генерален директор на полицијата.
Само во северниот дел на Косово ќе бидат ангажирани повеќе од 400 припадници на полицијата.