Костов: Првпат во државава, 37-годишен пациент со ковид-19 тргнат од респиратор

Сподели

 

Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје пред три часа од респираторна машина е ослободен 37-годишен пациент, кој пред три недели бил примен во тешка состојба. Пациентот сам дише и неговата состојба сега е стабилна, изјави за МИА директорот на таа јавна здравствена установа Христијан Костов.

Костов посочи дека пациентот пет-шест дена прима озонска терапија, има протокол на лекување и му даваат антибиотици и антиинфламаторни лекови.

– Му треба време на организмот. Ние пробуваме. Ако му падне сатурацијата (присуството на кислород во крвта) може повторно да го ставиме на респираторна машина. Мора да му се даде време. Неопходни се 24 до 48 часа за да сме целосно сигурни дека на пациентот не му треба респираторна машина. Ова е резултат на ангажманот на целата екипа во болницата која макотрпно работи, рече д-р Костов. Од почетокот на епидемијата досега, ова е прв пациент од државава, кој поради влошена здравствена состојба 12 дена бил на респиратор, а сега веќе нема потреба од таква асистенција.