Ковачевски: Го осудувам чинот на отворена воена агресија од Русија врз Украина

Сподели

 

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски на социјалните мрежи го осуди чинот на отворената воена агресија на Руската Федерација на Украина.

„Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир.

Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија.

Покрај безбедносната состојба, владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба. Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.“

Премиерот Ковачевски во текот на вчерашниот ден имаше телефонски разговор со премиерот на Украина, Шмигаљ во кој му ја пренесе поддршката за суверенитетот  и територијалниотинтегритет на Украина.

“На украинскиот премиер Денис Шмигаљ, во телефонскиот разговор, лично му ја пренесов пораката дека Република Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”

Овој чин го оценивме како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право.

На премиерот Шмигаљ му пренесов дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучивме кон повикот за решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

Воедно, потврдив дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципелни постапки”.