Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска, во Владата на Република Северна Македонија се сретна со американскиот сенатор Крис Марфи, со кого по одржување на билатералната средба одржаа заедничка прес-конференција.
„Драго ми што денес во Скопје престојува мојот драг пријател, сенаторот Крис Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат и добар познавач на регионот и на нашата земја.
Како претседател на Владата, би сакал да напоменам дека и на разговорите во Вашингтон и на денешната средба, од сенаторот Марфи добив уверување дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите наши аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ. Тоа е комплементарно на нашето стратешко партнерство и меѓусебната поддршка која си ја даваме низ веќе долг и значаен период од првиот ден од нашето осамостојување. И денес разговаравме за тоа како да ја зајакнеме соработката меѓу Северна Македонија и САД, посебно во услови додека земјата ги прави следните чекори во европската интеграција. Благодарение на поддршката од искрени пријатели како САД денес Северна Македонија, по три декади од својата независност, од земја корисник на меѓународни мировни мисии, стана земја фактор на стабилност на Западен Балкан, земја членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ, земја со отпочнати преговори со ЕУ, земја во која се депонирани договорите потпишани во рамки на Берлинскиот процес и земја која е домаќин на преговори помеѓу други држави. Денес сме земја со подобрен кредитен рејтинг, со историски најмала стапка на невработеност, со зголемена вработеност, зголемена минимална и просечна плата и зголемени пензии и со рекордно највисоко ниво на странски инвестиции во државата особено од високо технолошки индустриски компании и држави.
Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, Романија, Полска, Бугарија и од сите други земји кои станаа земји членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓаните од кои што порано сме имале поголем стандард бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката на нашите стратешки партнери, пред се САД и земјите членки на ЕУ.“