Ковачевски-Мицотакис: Односите меѓу двете земји се одлични, продолжува да зајакнува пријателството

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски оствари телефонски разговор со премиерот на Хеленската Република Кирјакос Мицотакис, кој му честита на изборот за премиер, и му посака плодна и успешна работа.

Двајцата премиери се согласија дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво, и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството. Претседателот на Владата Ковачевски му се заблагодари на премиерот Мицотакис за поддршката што тој во континуитет ја дава за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и го запозна со некои од резултатите од посетата на премиерот на Бугарија Петков на Скопје и од возвратната посета и заедничката седница на владите во Софија.

„Низ взаемно почитување и дијалог базиран на европски вредности, верувам дека можеме да најдеме решение во интерес на двете земји и народи“, истакна премиерот Ковачевски во телефонскиот разговор со неговиот грчки колега Мицотакис.

Премиерите Ковачевски и  Мицотакис разговараа и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што се договорија и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во текот на месец април 2022 година.