Со официјално обраќање, премиерот Димитар Ковачевски го отвори вториот Економски форум во Скопје, во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија.
На Форумот присуствуваа влијателни личности од земјава и регионот, меѓу кои, претставникот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис секторот.
“Огромна чест и задоволство ми е денеска да го отворам вториот по ред Економски форум, овде во Скопје, каде сме домаќини на еден од најголемите регионални собири, кој прерасна во традиционална средба на највлијателните чинители на политичката и економската сфера во регионот и пошироко. Би сакал да ги поздравам и организаторите, Економскиот форум од Делфи, Грција и Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, кои го организираа овој значаен собир, во партнерство и соработка со домашните компании.
Северна Македонија е земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ, земја учесничка во Берлинскиот процес и земја, која од оваа година, го презеде претседавањето со ОБСЕ. Ние сме земја која отворените прашања на билатерално, регионално или меѓународно ниво ги решаваме по дипломатски пат, а не насилно. Затоа, за нас е несфатлива и неприфатлива воената агресија на Русија врз Украина, акт со кој се кршат сите меѓународни норми и правила, пренесени во меѓународните договори.
Северна Македонија цврсто чекори кон ЕУ. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на нашите стратешки партнери САД и земјите членки на ЕУ, кои во изминатиов период даваа и даваат безрезервна поддршка на нашето членство во Европската Унија, како и поддршка на реформските процеси на тој пат.
Нашата држава, заедно со Србија и Албанија веќе функционира како Европска Унија во мало. Неодамна Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше законските решенија кои произлегоа од иницијативата Отворен Балкан. Со тоа, нема веќе граници меѓу овие три земји. Станува збор за огромна помош и олеснување за компаниите со цел полесно отворање на нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Ги гледаме придобивките од отворањето на заедничките гранични премини и каков бенефит од тоа имаат нашите граѓани, на кои им се олеснува и скратува движењето преку границите. Дополнително, од круцијално значење за трговската размена во регионот и пошироко, се „зелените коридори“, за што ќе треба заеднички да работиме со цел да го подобриме и прошириме нивното функционирање и кон земјите членки на ЕУ. Со тоа ќе влијаеме и ќе придонесеме за подобар имиџ на нашите економии и држави.
Направени се значајни постигнувања, а во оваа прилика ќе издвојам само неколку:
Минатата, 2022 година, една од најкризните години во Европа, ние имаме рекордна бројка на странски директни инвестиции – 430 милиони евра во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек.
Со цел, ние како држава да ги помогнеме компаниите, а согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош од 23 милиони евра на 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници. Минатата година се потпишани нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори, од донесувањето на законот.
Минатата недела, еден од нашите најголеми странски инвеститори во технолошко-индустриските зони, германски Гересхајмер, каде се произведуваат медицински продукти за потребите на реномирани светски фармацевтски компании, отвори нова, втора фабрика во нашата држава, што е најголема инвестиција досега во слободните зони и во самата компанијата во сите нивни светски операции кои ги имаат.
Затоа би сакал да ги стимулирам сите потенцијални инвеститори да не се двоумат, туку да ги вложат своите средства, по примерот на инвеститорите кои вложуваат во моментов во нашата држава, нудејќи европски плати за македонски услови.
И кај извозот бележиме рекорди. Извозот на компаниите во зоните, достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра, односно 25% над највисоката точка која ја достигнавме во 2021. Пресметките покажуваат дека за секој денар исплатена поддршка од државата, во Буџетот се враќаат 4 денари.
За нас, 2023 година е година на нови можности. Работиме на финализирањето на патната мрежа од Коридорите 8 и 10, со што ќе се поврземе со нашите соседи, регионот и пошироко, што на сите нас ќе ни отвори многу неограничени можности на сите полиња.Из градбата на овие Коридори ќе биде одраз на нашите политики на добрососедство, градење на меѓусебна доверба и пријателство.
Но, подеднакво важно за нас е и годинава да се фокусираме на искористување на нашите потенцијали како земја, во насока на зелената трансформација на државата, што ќе овозможи на нашата држава национална енергетска независност и ќе ни даде сигурност за предвидлив развој на економијата. Планираме засилени инвестиции, поддршка и енергетско поврзување на регионот. Зелената трансформација се движи во три насоки. Првата е поврзување и диверзификација на енергенси за државата.
Северна Македонија во моментов има само еден извор на гас, тоа е преку Република Бугарија. Во тек е инвестиција на нов гасовод од Република Грција, како и уште еден гасовод од Република Бугарија. Втор сегмент на инвестиции се обновливите извори на енергија. Освен поддршката која ја обезбедуваме за фотоволтаици, кои се доминантна инвестиција и на компаниите, исто така, се инвестира и во мали хидроцентрали, ветерни централи, како и централи на биогас.
Во 2022 година изградени се нови електроцентрали со над 152 МWh инсталиран капацитет што произведуваат струја од обновливи извори на енергија. Регулаторната комисија за енергетика, минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија. Овие инвестиции имаат значителен придонес во енергетската трансформација и независност.
Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас што се изградени за една година се еднакви со енергетските капацитети кои се граделе со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св. Петка и ветерниот парк Богданци. Со инсталираниот капацитет, што е изграден за само една година, може да се задоволат потребите на 65.700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно од овие капацитети од ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест градови од земјава: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе.
Компаниите најмногу инвестираат во фотонапонски електроцентрали, меѓутоа забележително е инсталирањето на 36 мегавати ветерни централи, 7,2 мегавати мали хидроцентрали и 2,5 мегавати централи на биогас.
Од клучна важност за економскиот раст на земјата се и третиот дел на инвестиции, кои се однесуваат на унапредување на дистрибутивната и преносната електроенергетска мрежа преку граничното поврзување со сите земји од регионот.
Стратешка определба на Владата на Република Северна Македонија е подобрување на диверзификацијата во снабдувањето со природен гас, за што во јуни годинава се очекува да почне реализацијата на интерконекцијата кон Република Грција, чијашто изградба се очекува да заврши во 2025 година. Останатите две интер-конекции, со Србија и со Косово, се во фаза на изработка на проектна документација.
Поддршката на земјите од регионот беше важна во услови на светска енергетска криза и сме среќни што гледаат интерес за инвестиции во нашата земја. Во овој контекст, грчката компанија „Митилинеос“ во Скопје, изрази желба и поднесе документација да гради гасна централа од која ќе се произведува електрична енергија вредна 211 милиони евра, а Владата ја одобри инвестиција како стратешка. Сакам да напоменам и дека грчката државна компанија „ППС“, достави понуда во процедурата за изградба на нашиот најзначаен енергетски капацитет ХЕЦ Чебрен, која во моментот се евалуира. Во ХЕЦ Чебрен ќе се произведува електрична енергија од најмалку 333 мегавати. Имајќи предвид дека станува збор за реверзибилна електрана, истата ќе има огромно значење за балансирањето на енергетскиот систем и интеграција на обновливите извори на енергија.
Дополнително, со зголемувањето на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, се овозможи диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во регионот. Со овој договор се намалува зависноста од руски гас која што ја имаше земјата во изминатите децении.