Ковачевски: Партнери сме со Црвен крст во заштитата на животот и здравјето на сите граѓани

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествуваше на настан по повод 17 Март – Денот на формирањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски ја искористи приликата на овој значаен датум да се зачлени како волонтер во редовите на Црвениот крст, а за успешната соработка со Владата и посебните заложби во остварувањето на мисијата на оваа хуманитарна организација на премиерот му беше доделено признание.

 

 

„Не постои човек кој не го препознава симболот на црвен крст на бела површина. Овој меѓународен знак е впишан во јавната свест како симбол поврзан со прва помош, пружање медицинска нега и социјална заштита на населението. Црвениот крст е симбол на обединување на сите хуманитарци, крводарители, сите доброволци и дарители на помош на луѓето во целиот свет, на категориите граѓани, кои во одреден момент се нашле во неповолна ситуација”, изјави премиерот.

Денеска, Организацијата на Црвениот крст во нашата држава одбележува 77 години постоење и доброволно хуманитарно делување, изразено преку многубројни масовни волонтерски акции за пружање помош.

 

 

Владата на Република Северна Македонија потпиша Програма за соработка, има воспоставено партнерство со Организацијата на Црвениот крст за континуирано обезбедување на стокови резерви за хуманитарна помош. Тие се достапни за итно делување при вонредни состојби, како помош на ранливо население погодено од катастрофа или итна состојба.

Црвениот крст на Република Северна Македонија ја стави на располагање целата своја волонтерска база за надминување на последиците од пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

Во знак на поддршка на оваа соработка, во името на Владата и во името на сите граѓани на нашата земја, упатувам искрени честитки до вас, почитувани вработени и волонтери за вашата работа.

Верувам дека одбележувањето на денешната годишнина, за вас ќе биде уште еден импулс за понатамошен развој на хуманитарните активности, а за сите нас, останатите ќе биде поттик за понатамошна поддршка на вашите активности”, – изјави премиерот Ковачевски