„Самиот процес на членство за секоја земја ќе биде различен, во зависност од спроведените реформи и усогласувањето со европското законодавство“, рече во интервју за „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
Премиерот истакна дека Северна Македонија е првата земја од регионот на Западен Балкан која предничи во подготвеноста и може пред сите, да стане членка на Унијата.
„Европа со повеќе брзини“, се однесува и на земјите од Западен Балкан, во повеќе брзини значи оние кои што први ќе се подготват, ќе ги направат потребните реформи, ќе направат комплетно усогласување за законодавството, комплетно усогласување на спроведување на законодавството во институциите тие први ќе се приклучат на ЕУ. Тоа и се потврди, со нас.
Ние се вративме назад, ние бевме во чекалната благодарение на политиките кои што ги имаше Владата на ВМРО-ДПМНЕ 11 години изолација. 17 години чекавме, ние го почнавме нашиот европски пат заедно со Хрватска. Денес Хрватска е земја членка на ЕУ, земја член на Шенген и земја која го воведе еврото.
А ние само минатата година ги започнавме преговорите. Тоа значи повеќе брзини, подобар пример од повеќе брзини не постои. Сега доколку не ги донесеме потребните одлуки тоа ќе значи дека и Црна Гора и Србија и Албанија ќе отидат пред нас и ние ќе останеме во друштво на Босна и Херцеговина и Косово. Дали ние сакаме да останеме во тоа друштво тоа се држави кои имаат се уште елементарни проблеми во своето функционирање. Јас не се согласувам нашата држава и нашите граѓани, група да бидеме во групата со Косово, и со Босна и Херцеговина во евроинтеграциите, бидејќи во моментов ние сме пред сите држави во регионот. И јас сум убеден дека ако ги донесеме одлуките во Собранието дека во 2030та година Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе стане членка на ЕУ“, рече премиерот во интервјуто за „Вести Плус“ на Канал 5.