Ковачевски: Со замрзнување на цените на храната ја преполовивме инфлацијата

Сподели

 

„Со замрзнувањето на цените, со мерките кои беа преземени овозможивме да ја преполовиме инфлацијата носиме мерки во интерес на сите со цел да последниот месец од годината инфлацијата биде 5% што е остварливо. Со замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување на „гарантирана“ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5%, нашата држава останува да биде држава која има најниска основна стапка на ДДВ од 18% и највисоко ниво, односно најдолга листа на повластени производи со 5% од 1.650 производи кои граѓаните ги користат во својата секојдневна употреба. Со овие но и со останатите мерки, очекуваме дека до крајот на годината ќе имаме намалување на инфлацијата на она што е проектирано 5%, коешто ќе претставува четирикратно намалување во однос на она што беше во зимските месеци од изминатата година“, изјави премиерот Ковачевски.

Владата освен што обезбеди поддршка за граѓаните и стопанството исто така ги покачи и платите, пензиите со што ја заштити куповната моќ на граѓаните.

„Согласно последните податоци, просечната исплатена нето плата по вработен во Република Северна Македонија според официјалните податоци на Државниот Завод за Статистика за месец август 2023 година, изнесува 36.390 денари, односно истата е зголемена за 4.519 денари споредено со август 2022 година. Она што е важно за животниот стандард на граѓаните, економијата создава реален раст на платите, кој веќе петти месец по ред го надминува индексот на трошоците на живот односно инфлацијата, а кој во август месец изнесуваше 108,3, што значи дека имаме разлика од 5,9 индексни поени во корист на куповната моќ на граѓаните. Овие бројки покажуваат дека мерките се добри дека оценката која ја дава Светска Банка во однос на антикризниот пакет на мерки е точна и дека може навистина да им честитаме на сите служби кои работеа, тоа се професионалци во сите министерства на подготовката и имплементација на овие антикризни мерки“, изјави претседателот на Владата Ковачевски во Собранието.